„Отворен Балкан значи забрзани процедури и поедноставени процедури за нашите компании. Тоа значи дека нашите компании ќе имаат заштеда, ќе станат поконкурентни на светските и меѓународни пазари. А кога ќе имаат поголем профит, ќе плаќаат повеќе даноци на државата и вработуваат повеќе луѓе од Македонија“, истакна директорот на царинската управа Стефан Богоев во интервју на ТВ24.
Тој појасни дека системот во делот на Отворен Балкан, она што се однесува на Царина и товарни моторни возила функционира и дека на Табановце и Ќафасан има приоритетна линија за возила кои се дел од Отворен Балкан, возила кој се дел од Зелените коридори и возила коишто се на овластени економски оператори. Тоа е линијата Србија-Македонија-Албанија, односно иницијативата Отворен Балкан.
„Честопати граѓаните кога ќе дојдат на граничен премин го гледаат преминот и велат ова е царина, и честопати кога е гужва во патничкиот сообраќај велат работи ли нешто царинава. Пасошите на граѓаните ги прегледува граничен полицаец којшто е дел од МВР. Ако има забавување во делот пасошка контрола од наша страна или од страна на друга соседна држава тоа е забавена процедура во делот на полициска процедура и нема никаква врска со царина“, потенцираше Богоев.
„Нашата најистурена работа е во делот на товарните возила, камионите и комбињата коишто одат на терминалите. Таму процедурите се завршуваат многу брзо. На Табановце имаме дневно по 300 камиони сработени со декларации од страна на царинските службеници. Сето тоа е мотор за економијата и приход за државата, но и олеснување за компаниите“, рече Богоев.
Тој заклучи дека со приоритетните линии на Табановце и Ќафасан ако сте дел од Отворен Балкан, не се чека, се вклучувате директно на некој од терминалите или ако транзитирате продолжувате кон другата дестинација.