„Одлагањето или ставањето во неизвесност на преговорите и на членството на Северна Македонија во Европската Унија го става во неизвесност и реформскиот процес според ЕУ стандарди“ рече вицепремиерот Бојан Маричиќ на прес- конференција.
Тој додаде дека во исклучително сложени геополитички околности и регионални тензии, и со внатрешната неизвесност околу продолжувањето на овој европски интеграциски процес, прифаќањето на уставните измени остануваат предуслов кој не може да го прескокнеме.
„И тука нема никакви дилеми дека одлуката е во наши раце. Само од нас ќе зависи секој следен чекор во процесот и динамиката на преговорите. Лажна приказна, мит, но и неодговорна и опасна политичка позиција е дека Северна Македонија има луксуз да чека или дека може да постигне подобар договор во иднина“ рече Маричиќ.
Вицепремиерот додаде дека важна е констатацијата на Комисијата дека процесот на скрининг се одвива непречено, а земјата и Владата покажуваат високо ниво на посветеност.