Стартува евтината дневна тарифа на струјата во периодот од 13 до 15 часот. Со воведување на дневната евтина тарифа, домаќинствата со сетирани броила ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во недела. Проценките се дека едно семејство со просечна потрошувачка на струја на овој начин ќе може да заштеди околу 1.000 денари месечно.
Од друга страна преку програмата за енергетска помош, преку владиниот деветти пакет антикризни мерки предвидени се 1 милион евра за финансиска поддршка на над 5.000 семејства.
Предвидени се 1,1 милиони евра за околу 2.250 корисници, за финансиска поддршка на домаќинствата за инвестиции во обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност. Поточно, поддршката за фотонапонски панели е до максимум 80.000 денари, до максимум 15.000 денари за соларни системи и до максимум 25.000 денари за инсталација на ПВЦ.
Семејствата со приходи до 50.000 денари, кои имаат деца во училиште, во наредните шест месеци ќе добиваат по 1.200 денари месечно за основец и по 1.800 денари месечно за средношколец. Со оваа владина мерка ќе бидат опфатени 105.000 ученици.
Околу 15.000 студенти кои студираат надвор од местото на живеење, во наредните седум месеци, ќе добиваат ваучер за превоз од 600 до 1.200 денари месечно.
Пензионерите со пензии до 14.000 денари, во наредните пет месеци ќе добиваат владина помош од 3.000 денари месечно, оние со пензии од 14.000 – 16.000 денари, ќе добиваат по 2.000 денари месечно, а оние со пензии меѓу 16.000 и 19.000 денари по 1.500 денари месечно. Од ова ќе се офајдат повеќе од половина од пензионерите, односно 187.000 луѓе.
Ова се дел од деветтиот пакет владини антикризни мерки за помош на граѓаните и стопанството во вредност од 662 милиони евра.
Предвидени се пари за зголемување на платите на администрацијата, помош за земјоделците, субвенционирање на сметките за струја и парно, како и субвенции за енергетска ефикасност, односно за поставување фотоволтаици за производство на струја, за поставување на соларни бојлери за топла вода и за ПВЦ врати и прозорци. Помошта за приватниот сектор од над 400 милиони евра во најголема мера е преку поволни кредити.
За овие мерки, како што веќе информира од Владата, се предвидени пари во буџетот и како што нагласуваат тие пари не се од задолжувања.
Деветтиот владин пакет антикризни мерки содржи 26 мерки за социјална сигурност, насочени кон таргетирана поддршка за ранливите категории на граѓани и компании како и поддршка за надминување на потешкотии во услови на зголемени трошоци на живот, но и во услови на продолжени ефекти од енергетската криза.
Со мерките се опфаќаат 120 000 млади лица, над 74 000 социјално ранливи категории на граѓани, над 187 000 пензионери, 40 000 земјоделци, речиси 540 000 корисници на апликацијата мој ДДВ. 600 000 домаќинства, како и над 70 000 компании.
Со системските мерки за 2023 и 2024 година се опфатени пак над 338 000 пензионери и 106 000 вработени во администрацијата.
За мерките наменети за граѓаните, домаќинствата и земјоделците издвоени се 156 милиони евра.
Во овој пакет мерки, обезбедена е поддршка за зголемување на ученичкиот стандард, за основците и средношколците од ранливи категории на семејства со ниски примања, до 50,000 денари. Над 105 илјади ученици во основното образование и средношколците во наредните 6 месеци ќе добиваат по 1.200 денари, односно 1.800 денари месечно, за што од буџетот за оваа финансиска поддршка ќе се издвојат вкупно 14,3 милиони евра.
15.000 студенти кои живеат надвор од местото на студирање, ќе добијат ваучер за превоз. Студентите во наредните 7 месеци месечно ќе добиваат ваучери во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени 2 милиони евра.
Во наредните 5 месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надоместок заради попреченост, за самохрани родители – корисници на Гарантирана минимална помош и за родители на деца со попреченост до 26 години. Со оваа мерка се опфатени 16.741 граѓани, со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиони евра.
Во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние со пензија од 14.000 до 16.000 денари 2.000 денари, додека, за пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари во следните 5 месеци, ќе имаат поддршка од 1.500 денари. За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра и се опфатени над 187.000 пензионери.
За да се зголеми домашното производство на земјоделски производи, но и вреднување на трудот на земјоделците, со новиот пакет е предвидена авансна исплата на субвенции преку ИПАРД програмата, и тоа за 40.000 земјоделци кои имаат посеви со полјоделски и градинарски култури, лозови и овошни насади и кои се занимаваат со сточарството. За оваа мерка предвидени се 8,1 милиони евра.
Преку мерката „Мој ДДВ“ – е зголемен прагот до 2.100 денари за секое тримесечие поединечно. За оваа мерка предвидени се 42,2 милиони евра, а ќе опфатиме речиси 540.000 корисници.
Како дел од мерките е предвидено и законско решение со кое се ограничува затезната камата до висина на долгот, а воедно планирана е мерка со која се намалува висината на стапката на казнената камата за 3 процентни поени за граѓаните со низок доход.
За поддршка на приватниот сектор во овој пакет се предвидени 492 милиони евра. Во рамките на овие мерки, предвидени се поволни заеми за мали и средни претпријатија во износ од 10 милиони евра, за инвестиции во проекти за енергетска ефикасност и обновливи извори, преку издавање на зелена обврзница.
Како дел од мерките предвидена е и одлука за одобрување на користење на дехидрирано млеко за производството на млеко и млечни производи, со што ќе се придонесе за намалување на малопродажните цени млекото и млечните производи.
Со деветтиот владин антикризни мерки се обезбедува финансиска поддршка за субвенционирање на придонесите на нови и постојни вработени, за зголемување на платите на работниците од 3.000 – 9.000 денари.
52 милиони евра се обезбедени за зголемувањето на платите во јавниот сектор врз основа на Општиот колективен договор, односно пораст на платата за 10% и исплата на регрес од 10.000 денари за годишен одмор. За истата мерка која предвидува покачување на платите, во 2024 година се предвидени 150 милиони евра.
За 2023 година обезбедени се 100 милиони евра финансиски средства за исплата на зголемени пензии за над 338.000 пензионери. За 2024 година, за пензионерите и покачувањето на пензиите, согласно методологијата, одвоивме 178 милиони евра.
Дестан Јонузи