Северна Македонија е на праг на двојни избори, претседателски и парламентарни. Но, во однос на интеграцијата во Европската унија (ЕУ), процесот е закочен поради политичките каприци на опозициската ВМРО-ДПМНЕ и нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Тој и неговата „компанија“ го блокираа одобрувањето на уставните измени, тврдејќи дека се бугарски „диктат“. Од друга страна, уставните измени исто така се предвидени и во документот познат како „Француски предлог“.
И покрај жестокото противење на Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ, тие никогаш не истапија со конкретен предлог – која е нивната алтернатива, кој е нивниот предлог за деблокирање на патот на интеграцијата на земјата во ЕУ.
Во недостиг на конкретни понуди за интеграција на државата, економијата, социјалниот развој и слично, политички аналитичари во изјави за „Фронтлајн“ велат дека ВМРО-ДПМНЕ на Христијан Мицкоски на наредните избори се враќаат на наративот на нивните претходници, предводени од Никола Груевски, а тоа е „лажниот“ патриотизам.
Универзитетската професорка Ана Чупеска вели дека на овогодишните претседателски и парламентарни избори, опозициската ВМРО-ДПМНЕ во недостиг на конкретна понуда за граѓаните ќе се самопромовира како „ексклузивен“ претставник на македонскиот народ.
– Ќе ја користи комбинацијата од популистичка, националистичка и етноцентричната реторика. Ќе нуди вординг кој е посакуван, повторно без да понуди решенија. Ќе има тенденција повторно да се промовира како ексклузивен преставник на македонскиот народ. Сè на се, не очекувам да слушам нешто за конкретни решенија, туку пласман на фантазии, изјави Чупеска за „Фронтлајн“.
Политичкиот аналитичар и извршен директор на невладината „Пулсот на демократијата“ Енвер Салихи, смета дека нè очекува една тешка битка за опстанок на политичката сцена на многу поединци кои веќе е крајно време да се соочат со нивната судбина и волјата на народот коja е неприкосновена при секој изборен процес.
– Кампањата ќе биде сигурно со многу надмудрувања и взаемни обвинувања за тоа кој ѝ мисли добро на државата. Сметам дека после овие избори е потребно да се смени начинот на избор на Претседателот на РСМ преку Собранието со двотретинско мнозинство каде секој избор ќе биде со консензус и нема да се трошат скоро 10 милиони евра за еден процес кој е сосема непотребен за внатрешната демократија и со оглед на улогата на истиот, вели Салихи за „Фронтлајн“.
Одредени партии, додава тој, од македонскиот блок, но и од албанскиот, играат на картата на национализмот со намера да привлечат гласови но сепак после склопување на мозаикот и официјалниот избор истите стивнуваат.
– Ме загрижува фактот што уште има граѓани кои се палаат на овој филм кој во минатото се играше само во предизборието додека стивнуваше со почетокот на владеењето на истите партии кои користеа националистички наратив. Како заклучок на оваа манипулација со чувствата на граѓаните од сите политички актери сметам дека е потребно смена на генерации во сите политички партии како еден прогрес на идеи кои зближуваат меѓусебе и како вредност да го имаат севкупниот економски развој и напредок на граѓаните без оглед на нивната различност, онака како е предвидено во нашиот Устав, потенцира тој.
Ниту една политичка партија досега не го потврдила својот кандидат за претседател на државата. Политичките партии очигледно ја чекаат потврдата на предизборните коалиции за да одлучат како понатаму.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија во наредните денови ќе информира за постапката за избор на кандидатот за претседател, откако на 26 декември донесе одлука за свикување на 27-ми конгрес на партијата, кога и ќе биде потврден кандидатот .
– Во наредните денови ќе информираме сè за постапката за избор на претседателски кандидат, соопштија од СДСМ.
Првиот круг од претседателските избори ќе се одржи на 24 април, додека вториот круг на 8 мај, заедно со парламентарните избори.
Дестан Јонузи