„Непосредното безбедносно опкружување на Македонија е под силно влијание и на глобалните процеси и комплексните и специфични состојби и односи на Балканот. Сето тоа има директно влијание врз вкупниот безбедносен амбиент во државата. Во изминатите години направен е значаен исчекор во подобрувањето на нашата безбедносна средина. Пред три години Македонија стана членка на НАТО, ги интензивира односите со нашите соседи кои повеќето се членки на НАТО или на ЕУ, земји кои имаат евроатлантска агенда, земји кои одржуваат конструктивни врски со двете организации“, вели во интервју на „Нова“ професор д-р Трајан Гоцевски прв цивилен министер на македонската армија и актуелен член на Советот за безбедност на Република Северна Македонија. .
Исто така, додава Гоцевски, преку започнувањето на скринингот, земјава практично го направи и првиот чекор кон вистинското отворање и на процесот на интеграција со Европската Унија. Со тој чин Македонија како независна држава уште еднаш покажа дека својата иднината цврсто ја врзува со европската заедница на држави и народи.
„Во рамките на напорите за остварување на оваа стратегиска цел, нашата држава целосно ја усогласи својата политика со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ и продолжува континуирано да инвестира во градењето на европската и евроатлантската безбедност и стабилност и да дава контрибуција во регионалните и меѓународните мисии на мирот во рамките на ООН и, се разбира, во НАТО и ЕУ. Во таа насока ја формулиравме и нашата надворешна, безбедноста и одбранбена политика, ги градиме нашите капацитети на системот за национална безбедност и одбрана и тоа врз принципите на солидарност и врз силна трансатлантска врска со споделување на обврските за колективната одбрана, безбедност и заштита“, вели Гоцевски.
Извор: Нова ТВ