Министерството за надворешни работи (МНР), излезе со предлог за измени на Законот за рестриктивни мерки, со кои и правните акти на САД и Обединетото Кралство се валидна основа за воведување на овие мерки.
Адвокатот Јасмин Калач за „Фронтлајн“ вели дека првенствено, на граѓаните треба да им се појасни што точно значи ставање на одредени личности на „црна листа” од страна на Соединетите Американски Држави.
– Во САД постои легислатива која се нарекува Магнитски, односно „Magnitsky act” од 2012 година. Во 2016 година овој закон е проширен и дополнет, преку кој Американската влада може да ги санкционира прекршителите на човековите права, како и да им ги замрзне финансиските средства и да им забрани влез во САД. Tаа легислатива предвидува владини санкции против странски поединци кои биле вклучени во значителна корупција и забрануваат било каков бизнис со фирми кои нелегално стекнале обемен капитал. Преку тој модус Американската влада воведува санкции за поединци и фирми за прекршување на човековите права и забрануваат каков било бизнис со фирми кои нелегално стекнале капитал. Исто така, блокирани се сите фирми кои директно или индиректно се во нивна сопственост. Воведувањето санкции од Министерството за финансии на САД значи дека сите средства на санкционираните лица лоцирани во САД се замрзнати. Забраните вклучуваат давање било каков придонес или обезбедување средства, стоки или услуги за овие фирми, или во корист на кое било блокирано лице или примање каков било придонес или обезбедување на средства, стоки или услуги од кое било такво лице кое е вмешано во корупција, објаснува адвокатот Калач.
Тој истакна дека во средиште на вниманието во Македонија се најдоа звучни имиња од политичката сцена кои според Стејт Департментот се вмешани во длабока корупција со ерозија и поткопување на начелата на демократијата.
– Американскиот Трезор повторно додаде на својата ,,црна листа,“ високи функционери од Македонија. Со овие санкции, имотот на поединците воглавно се блокира и на американските државјани им е забрането да соработуваат со нив. Санкциите се бараат за да се ограничи делотворењето на поединци и компании вклучени во активности кои американската администрација ги смета за корумпирани, штетни и незаконски. Воведувањето на вакви санкции очигледно е дека го свртува фокусот кон земјите во кои се наоѓаат овие лица, меѓу кои е и Македонија. Јас лично сметам дека посебни дополнувања на Законот за рестриктивни мерки во нашата држава воопшто не се потребни, анализира тој.
Според него, Јавното обвинителство може да отвори предистражна постапка против лицата ставени на ,,црна листа,“ на САД врз основа на допрен глас согласно Законот за кривична постапка.
– Ние како држава веќе имаме легислатива, и имаме капацитет и институции кои можат да утврдат корупција, како и да преземат мерки и во најмала рака да спроведат истрага кон тие лица кои што се ставени на „црната листа” на САД. Доколку нашата држава, односно нашите институции продолжат да се однесуваат инфериорно, односно доколку не реагираат со правни и сите други институционални расположливи средства за да ги потиснат активностите на поединци против кои се воведени санкции, тоа секако дека може да се одрази и на односите помеѓу САД и Македонија, потенцира Калач.
Ставањето на одредени поединци на ,,црна листа,, – вели тој, се аларм и сигнал за старт дека нешто не е во ред, ни се праќаат сериозни сигнали дека одредени поединци се инволвирани во незаконски и коруптивни дејанија, и дека треба ова да го сфатиме многу сериозно.
– Институциите како Јавното обвинителство, Антикорупција, Финасова полиција и слично треба во најмала мера да истражат за што точно се работи, за да се застане на патот кон таквите активности кои доведуваат до ерозија на целокупното демократско општество и патот на нашата држава кон ЕУ, нагласи адвокатот.
Од друга страна, МНР почнува јавна расправа по однос на измените на Законот за рестриктивни мерки коишто имаат за цел проширување на опфатот на овие рестриктивни мерки, како и инструментите коишто се на располагање на државата во услови на воведени рестриктивни мерки.
– Согласно сегашното решение, Законот за рестриктивни мерки ги регулира прашањата на воведување, изменување и престанување на важењето на рестриктивните мерки, како и механизмите на координација и надзор на примената на истите, како основи за воведување рестриктивни мерки во сегашното решение се – задолжителни обврзувачки резолуции на Советот за безбедност на Обединети нации, правни акти на ЕУ, други меѓународни организации во кој членува земјата и на барање на надлежни органи на други држави за прашања на тероризмот и пролиферација на оружкјето, истакна Османи во изјава за медиуми по брифингот со новинарите.
Тоа што го предлагаме со овие измени на Законот на оваа јавна дебата, додаде Османи, е да се додадат како основ за воведување на рестриктивни мерки од страна на државата и правните акти на САД и правните акти на Обединетото Кралство, што значи покрај Совет за безбедност, Европска Унија, сега и правните акти на САД и Обединетото Кралство се валидна основа за воведување рестриктивни мерки.
– Како инструменти што ги има државата при воведување рестриктивни мерки се покрај ембарго за оружје, забрана за влез во Македонија за граѓани коишто не се државјани на Република Македонија, се разбира и финансиски мерки вклучувајќи конфискација на имот, меѓутоа се проширува Законот со уште еден опфат, а тоа е прво, од целите на Законот освен меѓународната безбедност, демократијата, се воведува и корупцијата, злоупотреба на службената должност и хибридните закани кон државата како цели коишто сакаме да ги постигнеме со измените на Законот за рестриктивни мерки, а се додаваат два важни инструменти, откако се задолжува институцијата предлагач да ги достави сите докази – материјални, нематеријални до Јавното обвинителство, а ЈО законски се обврзува веднаш да почне постапка, кривична постапка, вклучувајќи и конфискација на имот, и доколку заврши таа истрага со подигнување на обвинение тогаш се воведуваат два нови инструменти, а тоа е времено престанување на вршење на јавна функција и забрана за учество во процесот на јавни набавки се до правосилна судска одлука, појасни Османи.
„Црната листа“ на американскиот Стејт департмент минатата година се прошири со неколку звучни имиња од земјава. Поранешниот вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓушев, Рамиз Мерко, Орце Камчев, Сергеј Самсоненко. Тие им се придружија на поранешнот премиер Никола Груевски и екс шефот на УБК Сашо Мијалков.
Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер, по ставањето на Кочо Анѓушев на листата, порача дека тоа е уште еден доказ дека САД ќе продолжат да ги санкционираат корумпираните актери во земјава и најави дека ќе следуваат повеќе назначувања.
Вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска, на крајот на декември на брифинг со медиумите, кажа дека Владата треба да создаде правни предуслови за тука, во земјава, во рамки на македонскиот правосуден систем, да се процесуираат лицата кои се ставени на црна листа во други држави.
Дестан Јонузи
Поврзано: