Пишува: ЕЛИ ПЕШЕВА
Морам веднаш да кажам дека не сум од најголемите обожаватели на Јоргос Лантимос, го почитувам, ама секогаш ја имам онаа линија до каде ми се неговите визии прифатливи и преку кои не преминувам во оправдување на филмска уметност и потенцијална претенциозност.
Poor things или „Кутри суштества“ ме катапултираше.
Ова за мене е, без дилема филмот на годината.
И да, дефинитивно не е за секој 6идејќи ќе ги истестира сите внатрешни граници за бизарност, за емпатија, за секс и сексуалност, за давање и зимање од светот.
Приказната е сосоема луда, своевиден трибјут на Франкештајн, надограден и уметнички богат, раскажан на уникатен начин, потенцирајќи ги сите стереотипи и шокирачки моменти. Секој карактер е перфектно разработен, дури и оние споредните, во епизодно – епизодните појавувања, бликаат со динамика, живост и и автентичност. Централните ликови кои ги преземаат Ема Стоне, Марк Рафало, Вилијам Дефо, се маестрални, бидејќи толку лесно ги „возат“ дијалозите кои пак се интелигентни, со исклучителен вординг, јасни а истовремено повеќеслојни. Хемијата меѓу сите нив е неверојатна.
Бескрајни пофалби заслужуваат продукциските дизајнери, уметничките директори, сценографите (лудо е чувството дека приказната тече во вистински градови, без да може историски да се одреди времето, бидејќи визуелните детали се скоро апсурдни), костимографите, одделот за шминка, извонредната камера, дури и музиката. Сите тие ја оживеаја визијата на Лантимос на неверојатен начин. Фасцинантно ми е дека некои луѓе може да сонуваат на овој начин, а уште пофасцинантно што на своите соништа можат да им дадат, форма, боја, приказна…
Да филмот е откачен, на моменти бизарен, некои ќе излезат на сред, некои ќе ц-цкаат во шок, но доколку останете до крај и немате потреба од дијазепам, ќе бидете сведоци на рушење на бариерите во филмската уметност и поставување на нови предизвици за она што е пакет од интересна идеа, мрачна комедија, шок и забава.
Скорсезе е одличен, но ова е next level на брилијантност.