Поранешниот претседател и најверојатно идниот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп, според пишувањето на Washington Examiner, во трката по гласови сега се врти и кон гласачите од ЛГБТК заедницата во САД , во обид да ги одземе овие гласови од контото на претседателот Џо Бајден пред општите избори.
Се чини дека Трамп, конечно, ЛГБТК гласачите, кои сочинуваа околу 7% од електоратот на општите избори во 2020 година, дефинитивно почна да ги гледа како сила на која треба сериозно да се смета, и која може да претставува критична маса клучна за победата на изборите во ноември.
Анкетата на 600 ЛГБТ гласачи покажа дека 54% рекле дека ќе гласаат или се наклонети во корист на Бајден, додека 28% рекле дека „дефинитивно“ планираат или се наклонети да гласаат за Трамп.
Сега, во трка по овие, можеби одлучувачки гласови, Трамп во предизборието ветува сé и сешто, па дури и дека ќе биде пријател на ЛГБТК. Тој сега се претставува како поинаков вид на републиканец, и како некој од либералниот Њујорк сигнализир дека токму тој ќе биде личноста што конечно ќе ја премести својата политичка партија во однос на ЛГБТК прашањата.
Поранешната прва дама Меланија Трамп ќе биде домаќинка на собирот за собирање средства со републиканците во Лог Кабин, кои велат дека тие се „најголемата републиканска организација во нацијата посветена на претставување на ЛГБТ конзервативците и сојузниците“, додека самиот Трамп, во обид да се претстави како филантроп кој деловно и политички ја поддржува ЛГБТК заедницата, сега јавно зборува за тоа како во минатото бил во Студио 54 и како имал многу геј пријатели во социјалните кругови во Њујорк, а во 80-тите имал многу пријатели кои починале поради ХИВ/СИДА.
Но, сеќавањето на неговата прва година на функцијата остава голем простор за сомневање во искреноста на неговите предизборни ветувања. Гледајќи наназад, за време на претседателскиот мандат на Трамп, неговата администрацијата, уште во првата година од неговиот престој во Белата куќа, беше сè освен ЛГБТК пријателска, иако и тогаш, на републиканската конвенција во 2016 година, Трамп пред изборите држеше знаме на гордоста на настан на кампањата и го кажа клучниот акроним – Л, Г, Б, Т…К .
Трмап досега се покажа како голем противник на ЛГБТ правата, од забраната за трансродова воена служба до неговиот неуспех да го признае месецот на гордоста, неговата администрација веќе има долга анти-ЛГБТК историја.
„Тој водеше кампања велејќи дека ќе биде добар пријател на ЛГБТ луѓето“, изјави за Вокс Џејмс Есекс, директор на проектот за ЛГБТ и ХИВ на ACLU. „Делата зборуваат многу погласно од зборовите. И она што тој го направи беше катастрофа“.
Во првата година, администрацијата на Трамп се обиде да ја врати забраната за трансродовите лица во војската. Номинираше повеќе луѓе пред судовите и на други места кои имаат анти-ЛГБТК досиеја. Ја упати својата армија на федерални адвокати да заземе анти-ЛГБТК страна во судските случаи, и направи уште неколку ситни работи, како што е одбивањето да го признае месецот на гордоста.
Администрацијата на Трамп, врз основа на прегледот на она што го направи, во суштина работеше на поништување на целиот напредок на ЛГБТК правата. Таа не можеше да го поништи сето тоа, како законот за истополови бракови, на пример, но секако се обидуваше. Од номинациите на Трамп за судови кои ќе одлучуваат за проширувањето на правата на ЛГБТК низ целата земја до неговата администрација која диктираше кој има основна заштита на граѓанските права, тоа е агенда која сериозно им штети на ЛГБТК луѓето низ годините, а можеби и децениите што доаѓаат.
Анти-ЛГБТК рекордот на Трамп
Многу од анти-ЛГБТК акциите што администрацијата на Трамп ги презеде во текот на својата прва година добија многу малку внимание во мејнстрим медиумите, обично добиваа најмногу неколку дена покривање, но, изненадува нивната широчина и опсег. Севкупно, таа претставува изразито анти-ЛГБТК агенда.
Трамп „не зборува многу за ЛГБТК луѓето“, изјави Ребека Ајзакс, извршен директор на групата за права на ЛГБТК, Федерација за еднаквост. „Но, тој направи толку многу работи што се анти-ЛГБТК колку што можеш да бидеш“. Таа додаде дека тоа се работи кои можеби не изгледаат „толку јасни како антибрачната еднаквост“, но на крајот се анти-ЛГБТК.
Еве некои од главните анти-ЛГБТК акции што Трамп ги презеде за време на неговата прва година на функцијата:
Се обиде да ја врати забраната транс луѓето да се приклучуваат и отворено да служат во војската. Трамп, во серија твитови во јули 2017 година, објави дека ќе ја врати забраната, тврдејќи дека здравствената заштита поврзана со транс е скапа. Досега, забраната на Трамп беше спречувана од судовите, а на транс луѓето им е дозволено отворено да се пријавуваат и да служат.
Го назначи Нил Горсух во Врховниот суд да го замени постојано анти-ЛГБТК Антонин Скалија. Иако Горсух имаше нејасно досие за ЛГБТК правата кога беше номиниран, застапниците за граѓански права тврдеа дека, врз основа на некои од неговите минати пишувања за брачната еднаквост и религиозните прашања, тој би можел да биде голем противник за ЛГБТК еднаквоста. За само неколку месеци на клупата, Горсух докажа дека застапниците се во право, тој се спротивстави на одлуката на Врховниот суд со која се бара од државите да наведат истополови родители во изводите на родени.
Скоро една третина од тогашните судски кандидати на Трамп имаа анти-ЛГБТК досиеја, според Lambda Legal, кои можеа да носат одлуки за главните ЛГБТК прашања во следните неколку години, од антидискриминациска заштита за ЛГБТК работниците до транс пристап до бањи.
Администрацијата на Трамп го укина необврзувачкото упатство од ерата на Обама, кое им назначи на училиштата кои добиваат федерално финансирање дека транс учениците се заштитени според федералниот закон за граѓански права и затоа, училиштата треба да ги почитуваат правата на транс учениците, вклучително и нивното право да користат тоалети и шкафчиња кои се усогласени со нивниот родов идентитет. Администрацијата на Трамп целосно ги отфрли упатствата.
Министерството за правда на Трамп, исто така, укина уште еден меморандум од времето на Обама според кој транс работниците се заштитени според законот за граѓански права. Ова и овозможи на федералната влада, вклучително и нејзината армија на адвокати, сега да расправаат пред судовите дека анти-транс дискриминацијата не е нелегална според федералниот закон. Иако судовите на крајот се независни од администрацијата на Трамп, но федералната влада може да игра голема улога во правните аргументи со фрлање на своите луѓе и ресурси зад случајот.
Одделот за правда на Трамп тврдеше дека анти-геј дискриминацијата е легална, поднесувајќи документ за пријатва на суд, тврдејќи дека федералниот Закон за граѓански права не ги заштитува геј и бисексуалните работници. Тужбата во овој случај ја поднел Доналд Зарда, инструктор за скокање со падобран, кој вели дека работодавецот Алтит експрес го отпуштил поради неговата сексуална ориентација. Министерството за правда всушност тврдеше дека тоа е легално според федералниот закон.
Одделот за правда на сличен начин презеде чекори против ЛГБТК и во други случаи низ целата земја, вклучително и еден за законот за анти-транс бања во Северна Каролина и еден за дискриминација на транс луѓето во здравствената заштита.
Одделот за здравство и човечки услуги донесе нова регулатива и создаде агенција, Оддел за совест и религиозни слободи, која наводно ќе работи за да се осигура дека верските слободи на давателите на здравствени услуги не се нарушуваат. ЛГБТК групите тврдат дека оваа агенција ефективно ќе им даде покритие на лекарите, медицинските сестри и другиот медицински персонал за да ги дискриминираат ЛГБТК луѓето, бидејќи давателите на услуги сега ќе добијат заштита од федералната влада ако наведат религиозни или морални приговори за одбивање услуга на ЛГБТК пациентите.
Трамп без објаснување ги отпушти сите членови на Претседателскиот советодавен совет за ХИВ/СИДА.
Трамп не успеа да го признае месецот на гордоста на ЛГБТК. Трамп ги задржа постоечките извршни наредби со кои се забранува федералната влада и федералните изведувачи да ги дискриминираат вработените врз основа на сексуална ориентација и родов идентитет. Но, инаку, неговата прва година на функцијата беше обележана со повеќе анти-ЛГБТК акции.
Трамп го прекрши ветувањето за ЛГБТК луѓето
За време на кампањата, Трамп рече дека ќе биде поинаков – првиот републикански претседател кој ги прифати ЛГБТК луѓето. Тој позираше со знамето на гордоста и ги призна луѓето „L, G, B, T… Q“. Тој првично го бранеше правото на Кејтлин Џенер, трансродова жена, да користи бања што е усогласена со нејзиниот родов идентитет. Тој на Твитер, во врска со масовното пукање во геј клуб во Орландо, Флорида, напиша: „Благодарам на ЛГБТ заедницата! Ќе се борам за вас додека Хилари ќе донесе повеќе луѓе кои ќе ги загрозат твоите слободи и верувања“. Исто така, пред свечено да ја положи претседателската заклетва, тој ги поддржуваше истополовите бракови.
Но, се се смени откако стана претседател, по инаугурацијата Трамп се однесуваше повеќе или помалку како што би очекувале типичен анти-ЛГБТК републиканец да дејствува. Можеби тоа го одразува неговото мислење. Можеби тоа ги одразува ставовите на луѓето со кои се опкружувал во неговата администрација.
Без оглед на причината, резултатот е дека претседателството и администрацијата на Трамп усвоија широка анти-ЛГБТК агенда, агенда што ги следеша ЛГБТК работниците, војниците, па дури и пациентите. И не само што укажува на нечесноста на Трамп, ваквата агенда потенцијално ги загрозува правата на милиони ЛГБТК Американци.
И сега, кога Доналд Трамп и неговите екстремистички сојузници сакаат да ја избришат историјата трчајќи по гласовите на ЛГБТК Американците, тие заслужуваат лидери кои ќе се борат за слободата и достоинството на секој Американец, како што тоа го правеа претседателот Бајден и потпретседателката Харис во текот на нивниот мандат.
Драган Мишев / Цивил Медиа