Американскиот државен секретар Ентони Блинкен во интервјуа за Би-Би-Си и Си-Ен-Ен остро ја нападна Кина, предупредувајќи дека Вашингтон ќе дејствува доколку Пекинг не престане да ја снабдува Русија со производи што ги користи за напад на Украина. Блинкен изјави за Си Ен Ен дека САД виделе докази дека Кина сака да се меша во претстојните претседателски избори.
Говорејќи за Би-Би-Си во Пекинг, американскиот државен секретар истакна дека јасно им ставил до знаење на своите колеги дека тие помагаат во поттикнување на најголемата закана за европската безбедност од Студената војна.
Тој не кажа какви мерки се подготвени да преземат САД. Сепак, Блинкен нагласи дека е постигнат напредок во некои области. Тој го пофали Пекинг за неговите напори да го спречи снабдувањето со дрога фентанил да стигне до САД.
Блинкен, исто така, додаде дека верува оти Пекинг може да игра „конструктивна“ улога на Блискиот Исток, што укажува на тоа дека Кина ги користи односите со Иран за да спречи натамошна ескалација во конфликтот со Израел.
Односите меѓу Вашингтон и Пекинг се затегнати поради кинеските побарувања за Тајван и Јужното Кинеско Море и забраните на САД за извоз на напредна технологија. Тие беа дополнително оштетени од кавгата околу шпионскиот балон минатиот февруари.
„САД и Кина треба да бидат партнери, а не ривали. Ако САД заземат позитивен став кон развојот на Кина, односите навистина би можеле да се стабилизираат, да станат подобри и да се движат напред“, изјави кинескиот претседател Си Џинпинг.
Блинкен потврди за Си-Ен-Ен дека САД виделе докази за кинеските обиди да „влијаат и евентуално да се мешаат“ во претстојните претседателски избори во САД, и покрај претходното ветување на Си дека Кина нема да го стори тоа.
Блинкен рече дека на Си му ја повторил пораката на Бајден од ноември минатата година, кога кинескиот лидер вети за време на самитот во Сан Франциско дека Кина нема да се меша во претседателските избори во САД во 2024 година.
„Видовме, општо земено, докази за обиди за влијание и можно мешање. Сакаме тоа да престане што е можно поскоро. Секое мешање на Кина во нашите избори е нешто што го набљудуваме многу внимателно и за нас е целосно неприфатливо. За време на мојот состанок со Си во Пекинг, сакав да се уверам дека тој повторно ќе ја слушне пораката дека Кина не се меша во изборите“, изјави Блинкен за Си-Ен-Ен.
Пекинг постојано вели дека не се меша во изборите во САД врз основа на принципот на немешање во внатрешните работи на другите земји. Кина и актерите за кои се верува дека се поврзани со Пекинг се обвинети за политичко мешање во други земји, како што е Канада.
Г. Т.