– Слободата не е за потценување. Мораме да сме одговорни кон неа затоа што денес е под најголема закана од 2017 година наваму. Да го запаметиме овој извештај, може да е скапоцен и последен од неколкугодишниот демократски раст во низа, реагира Марјан Забрчанец во објава на Фејсбук, за извештајот на Репортери без граници каде Македонија е најдобро рангирана од земјите во регионот – пред Хрватска и Словенија.
„Слобода никогаш доволно, но и никогаш не сме имале поголема медиумска слобода. Дали ќе ја зачуваме?“, прашува Забрчанец.
Тој вели дека Северна Македонија и годинава има напредок на извештајот за медиумски слободи на Репортери без граници. Рангирани сме на 36 место на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година, што е за две места подобор од 38 место лани. Во 2016 бевме на 118 место, нагласува Забрчанец.
Од земјите во регионот Северна Македонија е најдобро оценета, а следат Црна Гора (40), Словенија (42), Хрватска (48), Косово (75), БиХ (81), Србија е на 98-то место и Албанија на 99-та позиција.
Првите места на Индексот за слобода на медиумите за 2024 година им припаѓаат на Норвешка, Данска и Шведска. На листата од 177 земји во светот најлоши оценки за слободата на медиумите имаат Туркемнистан Иран и Северна Кортеја.
Ј. Ѓ.