„Европската иднина и патот на државата не одат напред. Од изјавите на актуелната власт се создава впечаток дека преовладува евроскептицизам и недовербата кон официјален Брисел“.
Ова е констатацијата на дипломатите и познавачите на политичките прилики во земјава, зборувајќи за европскиот пат на земјата.
– Мислам дека не можеме да кажеме дали е загрозен европскиот пат и иднината на државата во овој момент, бидејќи нашиот пат кон Европската Унија се одвива единствено. Проблемот е дали тој пат ќе се одвива со побрз или со побавен интензитет. Во овој момент, следејќи ги сите оние размислувања и гласини на политичарите на ВМРО ДПМНЕ се добива впечаток дека не брзаат многу со европските интеграции, можеби преовладува некој евроскептицизам, недоверба кон Брисел, така што засега мислам дека стоиме во место и дека секако се чека некој поинаков, по погоден момент, изјави за „Фронтлајн“,Нано Ружин – универзитетски професор и поранешен амбасадор во НАТО.
Нашиот соговорник смета дека се пробива едно мислење во рамките на владејачката партија, дека наводно не постојат големи бенефит од членството во Европската Унија.
– Тоа не е прв пат да го чуеме, дури и под официјално од некои политички авторитети на ВМРО ДПМНЕ. Тука емоциите се премногу силни, и мислам дека како да нема желба во рамките на ВМРО ДПМНЕ, да се направи тој исчекор. Европскиот пат и иднина не се загрозени, но за жал стојат во место, подвлече тој.
Новинарот и политичкиот аналитичар Џабир Дерала во својот последен едиторијал со наслов „Збогум ЕУ“ пишува дека „земјата треба да се спреми за долго и мачно преживување, додека пропагандата ѝ го колва она малку мозок што ѝ останало“.
– Оваа мала и сиромашна земја треба да се спреми на долго и мачно преживување, додека пропагандата ѝ го колва она малку мозок што ѝ останало. Наративите се тие: претходната власт е виновна за сѐ – ги уништи институциите и ја испразни државната каса, а виновна е и за скандалите што сега се случуваат и за оние што допрва ќе се случуваат; соседите (освен Србија) и Западот мора да се навикнат дека „помина времето на политичари со свиткана кичма“; ДУИ ќе ја дестабилизира државата; ЕУ е приоритет, ама под наши услови (и вмровски вредности)… Да не набројуваме понатаму, доволни беа и првите редови за двете минути во локалното дуќанче. Нема подобра анализа од онаа на луѓето кои гледаат со отворени очи и мислат со сопствена глава. А такви, за жал, има малку во медиумскиот и граѓанскиот простор. Сѐ што е спомнато овде и сѐ што веќе јасно се гледа на хоризонтот, води кон еден заклучок. Поточно, поздрав: Збогум ЕУ, пишува меѓу другото Дерала.
Уставните измени се прашање кое новата влада ќе мора да го реши ако сака државата да се движи непречено на патот кон Европската унија.
Дестан Јонузи