Пишува: ЈАНЕ ЃОРЃИОСКИ
Ни криви ни должни проблемите што ги има унгарскиот деспот Виктор Орбан со Европската унија, со неговите угнетени дома, со цел демократски свет, си ги донесовме и кај нас.
Нашата – Владата на Мицкоски ни ги донесе. Мицкоски лично ни ги донесе.
Небаре малку си ги имаме, нели.
Како почна?
Сè нели почна кога Орбан ни го прибра нашиот храбар Груевски кој побегна во неговите азилски прегратки за да не лежи во затвор.
И така почна да ни се тркала будимпештанското тркало и орбанова Унгарија стана дел од нашата историја.
Уште таа несреќа ни фалеше во мачната ни историја македонска.
Таа низа од несреќи си ја влечкаме на врат со години, односно ни ја влечка со години тој што побегна, а кабаетот е и на тие што дозволија да им побегне.
Колку ни е паметот?
Со огромно мнозинство на демократски избори по само седум години си ги донесовме неговите пуленчиња, што лично ги именува за наследници. Си ги донесеме пак на власт и во позиција да ни диктираат политики, да нè задолжуваат и вазалат со сомнителни заеми што се на раб да немаат економска логика ама затоа имаат силна политичка логика… да ни решаваат судбини.
Да нè упропастуваат на долг рок.
Маратонски да нè исцрпуваат.
Да ни исцицаат последна капка надеж…
А денеска, за болката да ни се интензивира, си добивме уште еден шамар.
Додека Унгарија претседава со ЕУ, Комитетот на постојаните претставници на владите на земјите членки во Европската Унија (КОРЕПЕР) донесе одлука Албанија на 15 октомври да го започне преговарачкиот процес за членство во ЕУ по поглавја, со отворање на преговорите по Кластерот 1. Со ова Македонија е одвоена од Албанија на европскиот пат, а Скопје останува во „лимбо“ како што пишува бриселскиот портал „Еурактив“
Иронијата да е уште поголема, додека Орбан е во моментот во Македонија, ова го соопштува токму портпаролката на унгарското претседателство за Корепер, Ана Атанасов.
Нека ни е наздравје, ќе си тапкаме во место.
И, така, Македонија ГОРДА!
Уствари, кога добро ќе размислиш, не знам дали сме ни криви ни должни.