По победата на Доналд Трамп, сега и Германија политички е „потресена“ со предвремени парламентарни избори. Од друга страна во Софија, Бојко Борисов ги продолжува преговорите за состав на нова бугарска влада, а евроинтеграцискиот пат на Северна Македонија е закочен поради неизгласувањето на уставните измени – што се единствената пречка за Скопје да ги започне преговорите со Софија.
Извршниот директор на ЕВРОТИНК, Димитар Николовски за „Фронтлајн“ вели дека кај германските мејнстрим партии постои консензус околу проширувањето и она што се очекува од Македонија за почнување на втората меѓувладина конференција.
– Како стојат работите, најверојатно после изборите во Германија ќе има коалиција во која би членувале ЦДУ/ЦСУ и социјалдемократите, и би се продолжило со политиката на поддршка за нашите евроинтеграции. Евентуалната посредничка улога на Шолц (и да не се заборави Макрон) за која се зборува во тој случај би била преземена од кој и да биде избран за нов канцелар во Германија, вели Николовски.
Првиот амбасадор на Македонија во Грција Љупчо Арсовски смета дека амбиентот е многу сложен и во овој момент кога станува збор за улогата на Германија, односно на германскиот премиер околу спорот меѓу Македонија и Бугарија, врзано за ставањето на Бугарија со одредена заштитна клаузула, на која имаме право и мислам дека на тоа треба да се опстои, бидејќи тоа ќе биде една голгота за нас, за да на секој момент можеби Бугарија да става одреден и забелешка.
– Се случи и тоа, Трамп да победи во САД и ги знаеме неговите ставови за повеќе прашања врзани за Европа и за НАТО, познато е дека скоро сите европски земји сепак се консултираат и ќе чекаат новата администрација и новиот државен секретар што ќе сугерира. После Божиќ ќе имаме по јасна слика околу спорот меѓу Македонија и Бугарија. Додека не ја преземе Трамп функцијата претседател, нема да има никакви промени и додека во самата Европска унија не се определат дали посредник ќе биде Германија со новиот премиер, не го знаеме профилот на новиот премиер и дали ќе биде истиот или не. Додека не се средат многу работи, никој не може стриктно да одговори на сите овие прашања за кои се заинтересира да се справува во Македонија, анализира тој за „Фронтлајн“.
Новиот Бундестаг во Германија ќе биде избран во февруари следната година. После заеднички дискусии, лидерот на пратеничката група на германската Социјалдемократска партија, и лидерот на пратеничката група на Христијанско-демократската унија, постигнаа договор изборите да се одржат на 23 февруари.
Затоа канцеларот Олаф Шолц ќе побара гласање на доверба пред 15 јануари, пишува Билд. Генералниот секретар на ЦДУ, Карстен Линеман изјави дека новите избори ќе се случат или 16 или 23 февруари.
„Се надевам и сигурен сум дека наскоро ќе стане јасно“, рече Линеман.
Комисијата на Бундестагот за испитување прашања поврзани со изборите денеска на посебен состанок расправа за подготовките за престојните предвремени парламентарни избори.
Дестан Јонузи