Политичкиот аналитичар, новинар, и уредник на Нова ТВ – Зоран Иванов, смета дека СДСМ ќе мора „идеолошки“ повеќе да мисли на човекот, на граѓанинот, на неговото секојдневие, на средната класа за која практично постои и која не успеа да ја „инсталира“.
– Како и секоја политичка партија, посебно сега по неочекувано катастрофалниот пораз СДСМ ќе мора „идеолошки“ повеќе да мисли на човекот, на граѓанинот, на неговото секојдневие, на средната класа за која практично постои и која не успеа да ја „инсталира“. Но, од друга страна, ќе биде многу погубно за СДСМ ако заборави на своите иницијална идеолошка матрица. Ако се обиде, како што во изминативе неколку месеци во неколку наврати некако како, свесно, несвесно, веројатно од желба да се додвори до граѓаните, како да заигра на популизам па и на етно-популизам а тоа не е СДСМ, изјави Иванов за „Фронтлајн“.
Пред СДСМ, вели тој, е сега тешко време до нивниот нов конгрес догодина и до локалните избори.
– СДСМ никогаш не бил баш многу вешта со „теренот“ но овој пат ја има и таа шанса и таа потреба да стекне симпатии и со континуирани непосредни контакти со луѓето, но ова само доколку во името на СДСМ пред нив, пред граѓаните, се појават членови со дигнитет. Луѓе членови и нечленови реализирани, ценети и успешни или барем потенцијално успешни, како во своите професии и каде што работат, така и во средините каде што живеат. Ако новото партиско раководство низ тој критериум така не ги исселектира своите кадри, во тој случај нека не смета на поволни изборни резултати. СДСМ може да се крене до локалните избори барем толку колку со изборните резултати да прати порака дека не ѝ бега победата на наредните парламентарни. Од сегашна гледна точка времето не работи за новото раководство на СДСМ но затоа пак, новото раководство на СДСМ не треба ниту ден да не го губи времето до првите нови парламентарни, анализира тој.
Дестан Јонузи