Дванаесет лица починаа од труење со јаглерод моноксид во ски-центар во Грузија, соопшти грузиската полиција, пренесе Би-Би-Си.
Телата на 11 странци и еден грузиски државјанин се пронајдени во просторот за спиење над ресторан во Гудаури, најголемиот и највисокиот ски-центар во поранешната советска држава, според официјални лица.
Полицијата соопшти дека „прелиминарните тестови не покажуваат никаква трага на насилство на телата“ и се чини дека станува збор за несреќен случај, објави новинската агенција АФП.
Агрегат на нафта бил вклучен откако зградата останала без струја во петокот, додале полицајците.
Телата беа откриени во саботата на вториот кат од зградата во која се наоѓа индиски ресторан.
Властите отворија истрага за инцидентот, а идентитетот на жртвите се уште не е соопштен.
Гудаури е популарна туристичка дестинација за љубителите на скијање и сноубординг, со голем број зимски спортски активности за посетители од сите нивоа.
Неговата историја датира од 19-тиот век кога бил познат како трговско место на древниот грузиски воен пат што ја поврзува Русија со Грузија.
Гудаури се наоѓа во планините Кавказ во регионот Мцхета-Мтианети на околу 2.200 метри надморска височина и е на околу 120 километри (75 милји) северно од главниот град на Грузија Тбилиси.
Ј. Ѓ.