„Нацијата на Северна Македонија не бара алтернатива за евроинтеграциите. Закочувањето на евроинтеграциите на Северна Македонија денес низ саботирање на Преговарачката рамка е истото што и обидот земјата да не стане членка на НАТО со проблематизирање на Преспанскиот договор претходно: Тоа се операции од истиот проект за ставање на територијата на Северна Македонија во просторот на „српскиот свет“ како хибридна проекција за руско и кинеско економско, политичко и безбедносно влијание во Северна Македонија и во регионот“, вели во изјава за Фронтлајн, Ивон Величковски – лидер на Движењето за нова република, поранешен пратеник и лидер на Либералната партија, зборувајќи за уставните измени и ЕУ-интеграциите на државата.
Владата, додава тој, мора да го следи барањето на нацијата за полноправно членство во Европската Унија спротивставено на предизборните реторики.
– Денес Мицкоски и Меџити се во непријатна позиција: за ВМРО-ДПМНЕ прашањето е како да се ослободи од обврските од предизборната нарација за „репреговарање на договореното“, а за VLEN како да се факторизира и да го гарантира интегративниот процес кој и е во министерски ресор. Владата ниту има ниту ќе има „План Б“: И ВМРО-ДПМНЕ и VLEN сепак знаат дека Преговарачката рамка е јасен и документиран писмен патоказ со кој Северна Македонија го потврдува својот капацитет на владеење на правото како копенхашки критериум токму спроведувајќи ги своите обврски преземени со институционална одлука, анализира нашиот соговорник.
Според него, на целата нација и е јасно дека внимателното формулирање на Преговарачката рамка за време на Француското претседателство со ЕУ беше гарантирањето на она што беше дефинирано како „идентитетско прашање“ и од Париз и од Берлин и од Рим… и од Атина и од Софија… преку Брисел. И дека со неа не преговараме со Бугарија или Грција туку со ЕУ.
– Затоа и Мицкоски призна дека нема „План Б“ туку „идеи“. Сетете се: ВМРО-ДПМНЕ тргна од „репреговарање на Договорот за добрососедство“, а денес веќе не зборува ниту за „одложена примена“ на уставните измени. Впрочем сите сфатија, особено во Северна Македонија, дека се што ни било потребно – сме го добиле, нагаласи тој.
Попрецизно, подвлече нашиот соговорник, со донесени уставни измени до средината на март ние правиме recoupling со Албанија и заедно со неа и со Црна Гора следната декада можеме да ја дочекаме како полноправна членка на ЕУ.
– Целта на малигните влијанија од надвор и на малигните политики од внатре е Скопје да чека на Белград и Бања Лука на патот кон Брисел – за да биде „монета за поткусурување“. Владата и претседателот на Републиката се на потег – да работат за интересот на нацијата на Северна Македонија и на македонскиот народ во неа – или за „српски свет“, подвлече тој.
Величковски смета дека рокот за поднесување уставни измени што Движењето за нова република минатата седмица го истакна јавно е 15 јануари 2025.
– Процедурата за уставни измени е минимум четириесетина дена и со оптимална агенда веќе во април имаме деблокирани преговори и правиме recoupling со Албанија која веќе го отвори второто поглавје. Црна Гора е понапред, но со доволно напори трите земји заедно ќе може да го завршиме преговарачкиот процес во одржливо кус временски рок – создавајќи бран на проширување кој нема да може да биде запрен во ниту една метропола во ЕУ. Затоа повикавме опозициските партии и пратеници кои стојат на своите предизборни определби за интеграција на Северна Македонија во ЕУ – да ги поднесат уставните измени на средината на јануари. Од моментот кога предлогот е во Собрание ќе се знае кој за што е – и Владата и секој пратеник, подвлече тој.
Друга опција, според Величковски е застојот да предизвика предвремени парламентарни избори, за ново изгубено време во кое партиите ќе бараат начин да „спасат образ“, а всушност само ќе наидат на презир.
ЕУ во март 2020 одлучи дека Македонија може да ги почне преговорите, но потоа земјата доби блокада од Бугарија. Тоа беше надминато со францускиот предлог со кој дел од бугарските барања влегоа во преговарачката рамка, по што следуваше првата меѓувладина конференција. За да почнат преговорите, да се отвораат кластери, пак, земјава прво треба да направи измени на Уставот, односно да се внесат Бугарите во него.
Дестан Јонузи