Природниот гас престана да тече низ гасоводот што минува од Русија преку Украина во средата, според официјални лица во двете земји.
Ефектите од прекинот, иако долго се очекуваа, би можеле да предизвикаат турбуленции низ енергетскиот сектор во Европа и потенцијално да влијаат на способноста на Москва да ја финансира воената агресија врз Украина.
На први јануари Украинското Министерство за енергетика соопшти дека го прекина транспортот на руски гас низ земјата.
„Во 7:00 часот, во интерес на националната безбедност, беше прекинат транспортот на руски природен гас преку територијата на Украина“, соопшти украинското Министерство.
Во соопштението се наведува дека Украина за ова ги известила меѓународните партнери согласно утврдената процедура.
„Го запревме транзитот на руски гас, одбележувајќи историски настан. Русија ги губи пазарите и ќе се соочи со финансиски загуби. Европа веќе одлучи да се откаже од рускиот гас. Европската иницијатива Repower EU се усогласува со она што Украина го постигна денес“, наведе украинското Министерство за енергетика.
Што се случи?
Украина одби да го обнови договорот што ѝ дозволуваше на Русија да испраќа природен гас преку гасовод до Европа. Договорот беше испочитуван дури и откако Русија ја нападна Украина во 2022 година, со што започна најкрвавиот европски конфликт од Втората светска војна.
Гасоводот Уренгој-Помари-Ужгород е изграден за време на ерата на советскиот сојуз за да го носи сибирскиот гас на европските пазари. Тој стана главен канал до границата на Украина со Словачка од Сибир, минувајќи низ градот Суџа – кој сега е под контрола на украинските воени сили – во рускиот регион Курск.
Гасоводот беше последниот голем руски гасен коридор кон Европа по саботажата на гасоводот Северен тек до Германија во 2022 година – веројатно од Украина – и затворањето на рутата преку Белорусија до Полска.
Зошто се случи ова сега?
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со месеци предупредуваше дека нема да го продолжи петгодишниот договор, кој истече на полноќ на 31 декември 2024 година. Договорот беше потпишан пред руската инвазија на Украина, но по нејзиното заземање на Крим.
Украина и нејзините западни сојузници сакаат да ја поткопаат способноста на Москва да ги финансира нејзините воени напори и да ја ограничат способноста на Кремљ да ја користи енергијата како потпора во Европа.
Аналитичарите велат дека затворањето на гасоводот може да ги намали приходите на Русија од продажбата на гас за околу 6,5 милијарди долари годишно.
Но, тоа носи одредени ризици за Украина. Воените аналитичари, како што пренесува Њу Јорк Тајмс, велат дека сега Русија би можела да одлучи да ја бомбардира мрежата на гасоводи на Украина, која во голема мера ја поштедуваше од напади досега.
Што ќе значи тоа за Европа?
Истекот на договорот за транзит на гас долго се очекуваше, давајќи им време на европските земји да се подготват. Не се очекува да има значителен ефект врз цените на енергенсите бидејќи има на располагање алтернативни залихи.
Москва ги намали испораките на гас во Европа по инвазијата на Украина во 2022 година, зголемувајќи ги сметките за енергија и принудувајќи многу влади да објават пакети за итни случаи за да им помогнат на бизнисите и граѓаните кои се во неволја. Како одговор, повеќето земји-членки на Европската унија ја намалија зависноста од рускиот гас и бараа алтернативни испораки од Азербејџан и од други места.
Во 2021 година, Русија испорача повеќе од 40 отсто од увезениот гас потрошен во Европската унија, но тоа драстично опадна во последните три години од почетокот на војната во Украина. Уделот на Русија во европскиот увоз на гас падна на помалку од 15 отсто минатата година, според Европската унија.
Гасоводот низ Украина сочинуваше само околу 5 отсто од увозот на гас во Европа минатата година, но може да има влијание со одземање на снабдувањето на она што е веќе тесен пазар.
Прекинот, исто така, може да натрупа поголем притисок врз секторот кој веќе е под притисок. Европските пазари на природен гас се на на самиот раб оваа година. Референтните цени се зголемија за повеќе од 50 отсто во текот на изминатата година, иако тие остануваат далеку под највисоките достигнувања набргу по руската инвазија на Украина.
Она што ги загрижува набљудувачите на пазарот не е толку дека земјите ќе останат без гас, туку дека снабдувањето со гориво ќе биде покомплексно и поскапо. Цените на европскиот природен гас се приближно четири пати повисоки од оние во САД.
„Вистинското влијание што го гледам е дека ќе чини повеќе да се добие алтернативно снабдување со гас за земјите како Словачка, Австрија и Чешка“, рече Наташа Филдинг, шеф на европскиот ценовник за гас во Аргус Медиа, компанија за истражување на пазарот.
Европската комисија ја отфрли можноста за значителни последици од прекинот на транзитот на руски гас преку Украина, наведувајќи дека тоа се очекувало и дека Европската унија е подготвена.
– Европската инфраструктура за пренос на гас е доволно флексибилна за да обезбеди гас од неруско потекло за Централна и Источна Европа преку други рути, изјави на први јануари претставник на ЕК, пренесува БТА.
– Од 2022 година, ја зајакнавме нашата мрежа со значителни нови можности за увоз на течен природен гас, додаде претставникот на Европската комисија.
Најпогодени земји
Дури и по руската инвазија, три земји-членки на Европската унија – Австрија, Унгарија и Словачка – продолжија да купуваат големи количини енергенси од Русија.
Австриската влада во соопштението од средата рече дека однапред се подготвила и пронашла добавувачи надвор од Русија. ОМВ, австриската енергетска компанија, минатиот месец соопшти дека ги раскинала своите договори со Гаспром и дека е „добро позиционирана“ со алтернативни извори.
Унгарија, која се залагаше украинскиот гасовод да остане отворен, го добива најголемиот дел од рускиот гас преку одделниот гасовод Турски тек.
Словачкиот премиер Роберт Фицо е пријателски настроен кон Путин, а земјата во голема мера се потпира на рускиот гас.
Фицо се закани дека ќе го прекине снабдувањето со електрична енергија како одмазда против Украина, доколку таа не го продолжи договорот за транзит на гас. Словачкиот министер за економија во изјавата во вторникот рече дека нема да се соочи со недостиг.
Некои други европски земји надвор од ЕУ. продолжија да купуваат енергенси од Русија, вклучително и Србија и други земји на Балканот. Молдавија, која исто така граничи со Украина, е веројатно најпогодената европска земја. Во декември прогласи вонредна состојба поради стравувањата дека прекинот на испораките на руски гас преку Украина може да го загрози нејзиниот главен извор на електрична енергија: електрана на гас во отцепениот регион Придњестровје, поддржан од Русија. Официјалните лица оваа недела рекоа дека електричната енергија од соседна Романија треба да и овозможи на Молдавија да избегне енергетска криза.
Енергетската компанија во отцепениот регион им соопшти на своите клиенти во средата дека ќе престане да снабдува гас за греење на приватни куќи во градовите, селата и градовите. Компанијата ќе обезбедува гас за готвење „додека притисокот во мрежата не падне на критично ниво“, се вели во соопштението на Telegram.
Тоа шт Русија би ризикувала да им наштети на сопствените полномошници во Придњестровје, кое е окупирано од руски војници повеќе од три децении, е мерка за тоа како војната во Украина ги смени приоритетите на Москва, пишува Њу Јорк Тајмс.
Русија ги обвинува САД, ЕУ и Кијив за прикинот на договорот
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова изјави дека Соединетите Американски Држави, Европската Унија (ЕУ) и „марионетскиот режим во Киев“ се одговорни за прекинот на транзитот на руски гас преку Украина и дека ја жртвувале благосостојбата на своите граѓани заради финансиска поддршка за американската економија.
-Киев донесе одлука да го запре транзитот на гас од Русија, иако „Газпром“ ги исполни сите договорни обврски, рече Марија Захарова.
Според неа, прекинот на испораките на конкурентна и еколошки чиста руска енергија го ослабува економскиот потенцијал на Европа и има негативно влијание врз животниот стандард на нејзините граѓани.
Захарова истакна дека главната придобивка од прераспределбата на европскиот енергетски пазар се САД.
Компанијата „Газпром“ соопшти дека останала без техничко-правна можност да испорачува гас преку територијата на Украина од 1 јануари, бидејќи украинските власти не го продолжиле договорот за транзит.
Подготви: Ј. Ѓ.