Претседателот на Украина Володимир Зеленски се сретна со премиерот на Албанија Еди Рама за да потпишат договор за долгорочна соработка и поддршка меѓу двете земји, објави украинскиот претседател на социјалните мрежи.
„Се сретнав со премиерот на Албанија, Еди Рама, во Давос. Потпишавме договор за долгорочна соработка и поддршка меѓу нашите земји“, информира тој.
Зеленски истакна дека Албанија обезбедува воена и хуманитарна помош за Украина од почетокот на руската инвазија во целосен обем и дека ќе продолжи со својата поддршка во текот на десетгодишниот рок на договорот.
Претседателот истакна и дека Албанија ќе придонесе за коалицијата со борбени авиони.
„Благодарен сум на Албанија за поддршката на нашиот европски интегративен пат, за зајакнување на нашите позиции на бојното поле и нè приближува до праведен и траен мир за Украина“, додаде Зеленски.
Подготви: Д. Мишев / Цивил Медиа