Американскиот претседател Доналд Трамп најави дека ќе воведе царини за ЕУ и дека неговата администрација разгледува опции да воведе царина од 10 отсто за стоки увезени од Кина од 1 февруари.
Претседателот на САД рече дека веќе наметнал големи царини за Кина за време на неговиот прв мандат. Тој додаде дека ЕУ и другите земји, исто така, имаат вознемирувачки трговски дисбаланс со САД.
„Европската унија е многу, многу лоша за нас“, рече Трамп. „Значи, наскоро ќе биде предмет на царини. Тоа е единствениот начин… да има правда“, додаде американскиот претседател.
Насир Селими – професор на факултетот за бизнис и економија при Универзитет на Југоисточна Европа вели дека оваa најава претставува голема геостратешка промена во светот.
– Спроведувањето на даночната и тарифната политика беше актуелно во текот на 1930-тите, кога светската економија беше зафатена од големата светска криза. Оваа политика е антилиберална и во минатото е докажано дека предизвикува економска, а подоцна и политичка криза. Затворањето и изолирањето на економијата во државните граници е штетно, а исто така се и неодамнешните активности на претседателот Трамп во овој поглед. На почетокот изгледа дека ја штити економијата на земјата, но негативните последици подоцна се појавуваат во сопствената економија, изјави Селими за Фронтлајн.
Според него и европските и другите земји ќе ги зголемат даноците и тарифите, така што тие ќе бидат реципрочни и ќе се зголеми просечната царинска стапка.
„Без оглед на најавените царини од страна на новиот претседател на САД Доналд Трамп за Европската унија, за земјава е важно да ги задржи двете клучни патеки – евроинтегративниот пат кон ЕУ и стратешкото партнерство со САД“, истакна амбасадорот Ѓорѓи Филипов во изјава за медиумите во рамките на работилницата „Дијалог со граѓанското општество за промени во Западен Балкан”.
Филипов вели дека земјава е мала и треба да ги следи своите интереси, а тоа е следење на двете линии – јасната определба за приклучување кон ЕУ, и задржување на статешкото партнерство со САД.
– Ние сме толку мали што можеме да си ја гледаме нашата работа односно да си го задржиме стратешкото партнерство со САД, имаме договор и треба да се придржуваме. Исто така, имаме јасна определба за приклучување кон ЕУ. Тоа на нас не треба да влијае многу. Значи ниту една американска влада не го поништи тој Договор. ЕУ останува на убедувањата, тоа ќе видиме како ќе заврши со нашите предлози што ги дава новата влада. Нас тоа не би требало да не загрижува. Ние ќе ги следиме тие два пата. Географски сме во Европа и мораме да бидеме со Европа и економски сме поврзани со Европа. Од друга, САД е стратешки партнер, што значи НАТО, поврзани сме со НАТО. Тоа нема да влијае на нас, туку ќе си ги гледаме нашите работи и не заземаме специјално страна, вели Филипов -претседател на Советот на Амбасадори на Северна Македонија.
За време на предизборната кампања Трамп се закани дека ќе воведе нови царини од 10 до 20 отсто за увозот од ЕУ.
Дестан Јонузи