Русија денеска лансираше серија беспилотни летала и проектили врз Украина, при што загинаа најмалку петмина цивили и беа оштетени станбени згради и инфраструктура низ целата земја, соопштија украинските власти.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека руски проектил паднал врз станбена зграда во Полтава, град во централна Украина, при што загинале четири лица, а 13 се повредени, меѓу кои и едно дете.
Градоначалникот на Харкив соопшти дека едно лице загина, а четири се ранети во напад со дрон.
Официјални лица тврдат дека руските сили оштетиле и згради во градот Запорижја во југоисточна Украина.
Украинската воздушна одбрана соопшти дека ги одбила нападите врз Кијив, а според првичните извештаи нема поголома материјална штета или жртви во главниот град.
-Руските секојдневни напади врз Украина се сигнал дека агресорот нема да престане да ги врши своите злосторства, изјави украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец.
Како што војната против Русија се приближува кон тригодишнината овој месец, Москва ги засили своите воздушни напади против Украина, испраќајќи десетици беспилотни летала како дел од речиси секојдневните напади.
Нападите во раните утрински часови во саботата уследија по руски ракетен напад врз јужното црноморско пристаниште Одеса претходната вечер, при што беше оштетен историскиот центар на градот.
Ј. Ѓ.