Јавноста е во шок од трагедијата што ја потресе целата држава, откако 20-годишникот Васил без возачка дозвола, под дејство на алкохол поминувајќи на црвено, на пешачки премин ја прегази младата Фросина, која за жал почина на лице место. Граѓаните се револтирани, јавноста е бесна, а протестите не стивнуваат.
Од СДСМ вчера објавија фотографија од која се гледа како притворениот Васил користи мобилен телефон во затворот Шутка. Александар Пандов, Директор на Управата за извршување на санкции ја потврди информацијата.
– Сторителот е во притвор, но денес во јавноста излегоа скандалозни фотографии од затворот Шутка, на кои јасно се гледа дека тој непречено користи мобилен телефон, иако тоа е строго забрането. Панче Тошковски да излезе и да одговори пред граѓаните и пред семејството на трагично загинатата Фросина кој му дозволил на обвинетиот за нејзиното прегазување пристап до телефон во затвор? Кој го штити младиот убиец од високите кругови на ДПМНЕ? Каква е инволвираноста на Пандов? Дали е точно дека добро знаел што се случува а откако сликите излегоа во јавноста и власта е фатена жива најавува истрага?, реагираат од АСДСМ со соопштение
Оттаму велат дека „ова е скандал кој го зголемува сомнежот дека виновникот е заштитено лице на власта. Сомнежот станува уште поголем ако се земе предвид дека неговиот татко неодамна бил промовиран во Армијата лично од министерот за одбрана Мисајловски.
Од СДСМ прашуваат – Кој го штити младиот убиец во врвот на власта? Срамно и недозволиво осомничен за ваков грозоморен чин слободно да користи мобилен телефон уште од првиот ден, велат од СДСМ.
Јавноста чека одговори од Тошковски и одговорност од Александар Пандов, се нагласува во соопштението од СДСМ.
И од семејството на починатата Фросина побараа од Министерството за внатрешни работи да го најде одговорниот кој му дал телефон на Васил Јованов.
– Од семејството на свирепо убиената Фросина Кулакова јавно се обраќаме до МВР – Сектор за Внатрешна Контрола да се пронајде одговорниот што го снабдил со телефон убиецот – монструм и да биде соодветно санкциониран. Системот повторно потфрли! Дали ќе се дозволи корумпцијата што ја уби сестра ми и понатаму да владее?! Чие дете е следно?, напиша сестрата на Фросина на „Фејсбук“.
Директорот на Управата за извршување на санкции Александар Пандов потврди дека кај 20-годишниот возач кој ја прегази 22-годишната Фросина Кулакова, а кој е во притвор во „Шутка“, е пронајден мобилен телефон. Најавува дисциплинска постапка откако ќе биде утврдено кој го обезбедил телефонот, иако, како што вели, се сомнева дека се повеќе вработени лица.
– Направен е претрес, одземен е тој телефон, а притоа одземени се и други телефони. Направени се претреси во повеќе ќелии и се прави истрага кој е тој полицаец кој го дал телефонот, иако мојот сомнеж е дека не е еден, туку повеќе кои го тераат тоа како бизнис. Како нова власт имаме фатено доста такви, но за жал, се уште има такви, изјави попладнево Пандов.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, во објава на Фејсбук побара од СДСМ да не ја користи трагедијата за да собира политички поени.
– Во однос на прашањата на СДСМ упатени до мене за тоа како притвореник во затворот „Шутка“ добил пристап до мобилен телефон, сакам да истакнам дека во секоја правна и демократска држава, најмалку што може да се очекува од политичари кои седум години управувале со институциите е барем основно познавање на нивната поставеност, односно да знаат дека затворите не се во надлежност на Министерството за внатрешни работи, туку на Управата за извршување санкции која е орган во состав на Министерството за правда. Но, суштината не е во „незнаењето“, туку во нешто многу полошо, а тоа е намерна злоупотреба на една трагедија за собирање на евтини политички поени. Наместо да покажат минимум човечност и емпатија, тие избраа да водат некрофилска кампања, со која на најмизерен начин се обидуваат политички да профитираат од туѓа несреќа, пишува во објавата.
Денеска е најавен масовен протест на граѓаните со почеток во 17:00 часот на булевар Партизански Одреди, кај Универзална сала.
View this post on Instagram
Како што велат организаторите протестот има за цел да ја истакне важноста на следниве три проблеми:
Нефункционалност на системот за заштита на децата и младите во судир со законот
Недоволна безбедност во градовите
Глорификација на девијантно однесување
Вчера, Универзитетското студентско собрание ги повика студентите на работилница за изработување транспаренти во пресрет на протестниот марш. Тие побараа и 30 заинтересирани студенти кои ќе бидат редари.
Ј. Ѓ.