На вчерашниот голем протестен марш под мотото „Кој е следен“ десетици илјади граѓани бараа ПРАВДА И ОДГОВОРНОСТ за одземениот живот на младата Фросина. Протестот почна во 17 часот пред Универзална сала. По булеварот „Партизански одреди“ многуилјадната колона се упати кон Собранието, а по пат го исвиркаа министерството за правда, за потоа маршот да продолжи до Кривичниот суд.
На секоја точка, граѓаните оддава почит на Фросина со триминутно молчење.
„Кога неправдата станува закон, отпорот станува должност“, „Не умираме од несреќа, умираме од корупција“, „Судијата не смее да биде соучесник“, „До кога ќе нѐ газите“, „Не е несреќа – неправда е“, „Не е случајност – корупција е“, „Секој еден може да е следен“ се дел од пораките што ги упатија учесниците во протестот.
Тодор Кулаков, таткото на Фросина кој заедно со семејството беше присутен на протестот, на крајот од протестот пред Кривичен суд, се заблагодари на поддршката порачувајќи дека да не биле граѓаните, случајот со Фросина досега ќе бил затворен.
-Сакам да ми верувате дека да не беше притисокот од јавноста, случајот Фросина веќе ќе беше ставен во фиока, рече тој.
Младата дизајнерка Фросина Кулакова беше прегазена на пешачки премин од страна на дваесетгодишниот Васил Јованов од Скопје, кој возел пијан, без возачка дозвола и минал на црвено светло, додека таа минувала на пешачки премин.
View this post on Instagram
На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
Фото: Ј. Ѓорѓиоски