Европскиот парламент денеска усвои две резолуции со кои повика на зајакнување на одбраната на Европа и на давање безбедносни гаранции за Украина од страна на ЕУ.
Со првата Резолуција, усвоена со 419 гласа „за“, 204 „против“ и 46 „воздржани“, европратениците ја повика ЕУ да дејствува итно за да ја гарантира сопствената безбедност, да ги зајакне односите со партнерите и истомислениците и да намали на одбранбената зависност од земји кои не се членки на Унијата.
Во Резолуцијата се посочува дека ЕУ се соочува со пресвртница и однесувањето како се да е нормално повеќе не е опција во услови на зголемени закани и напади врз европската безбедност.
„Белата книга“ за иднината на европската одбрана, која се очекува Комисијата да ја презентира следната недела, треба да содржи конкретни предлози до Европскиот совет за да се овозможат „вистински револуционерни напори“ и активности „блиски до оние како во воено време“, сметаат европратениците, истовремено поздравувајќи го Планот за повторно вооружување на Европа, што ЕК го претстави минатата недела.
– За да постигне мир и стабилност во Европа, ЕУ мора да ја поддржи Украина и самата да стане поотпорна. Европа денес се соочува со најдлабоката воена закана за нејзиниот територијален интегритет од крајот на Студената војна, се наведува во Резолуцијата, со која се бара земјите членки на ЕУ, меѓународните партнери и сојузниците на НАТО „да ги укинат сите ограничувања за употребата на западните вооружени системи доставени до Украина против воени цели на руска територија“.
Според документот, Русија, поддржана од нејзините сојузници Белорусија, Кина, Северна Кореја и Иран, претставува „најзначајна директна и индиректна закана за ЕУ“. Европратениците посочуваат и дека неодамнешните постапки и изјави на Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп „ја зголемија загриженоста за идниот став на САД кон Русија, НАТО и европската безбедност“ и при тоа „силно ги осудуваат заканите на САД против Гренланд“.
Во Резолуцијата се нагласува и дека одбранбените заложби на ЕУ не можат да останат ограничени по големина и фрагментирани по обем и се бараат поголеми напори на военото поле, но и во индустрискиот, технолошкиот и разузнавачкиот сектор.
Во текстот се бара и поедноставување на процедурите во случај на војна или други големи безбедносни кризи и се нагласува важноста на соработката меѓу ЕУ и Алијансата, но се бара и „развој на целосно способен европски столб во НАТО, кој може да дејствува самостојно секогаш кога е потребно“.
Според европратениците, ЕУ мора да има заедничка и јасна долгорочна визија за европската одбранбена индустрија, а земјите членки значително да ги зголемат заедничките набавки на воена опрема.
Во резолуцијата се поддржува и создавањето на „Совет на министри за одбрана“ и се бара наместо со консензус, одлуките за одбраната да се носат со квалификувано мнозинство, со исклучок на оние за воените операции со извршен мандат.
– Без значително зголемување на инвестициите, нема да се постигнат безбедносните и одбранбените цели на ЕУ, ниту за воена поддршка на Украина, ниту за подобрување на заедничката европска безбедност, се додава во Резолуцијата, со која се бараат „иновативни решенија за изнаоѓање дополнително финансирање“ на одбраната.
Во втората Резолуција, усвоена со 442 гласа „за“, 98 „против“ и 126 „воздржани“, се наведува дека по очигледната промена во позицијата на САД за руска агресија, ЕУ сега е „примарен стратешки сојузник“ на Украина и мора да ја задржи својата улога како нејзин најголем донатор и да и помогне на земјата во остварување на нејзиното право на самоодбрана.
Со документот европратениците го поздравуваат предлогот за 30-дневен прекин на огнот изнесен на вчерашната средба на американски и украински претставници во Саудиска Арабија и очекуваат Русија да се согласи со примирјето и да престане со сите напади врз украинското цивилно население, инфраструктура и територија.
Со цел да се спречи понатамошна руска агресија, според европратениците, ЕУ мора да и овозможи силни безбедносни гаранции за Украина.
– Земјата мора да добие овластување да ги отфрли избрзаните договори кои ја ослабуваат нејзината безбедност на среден и долгорочен план и ризикуваат таа и другите европски земји да бидат подложни на нова руска агресија во иднина. Европратениците се длабоко против какви било обиди да се уценува раководството на Украина да се предаде, со единствена цел да го олесни т.н. „мировен договор“, се додава во текстот.
Во резолуцијата, исто така, се наведува дека не може да има преговори за европската безбедност без присуство на ЕУ и се изразува вознемиреност од помирливиот тон на Американската администрација кон Русија и од таргетирањето на европските сојузници.
– Иднината на Украина е како членка на ЕУ, се додава во документот и се повикува на забрзување на пристапните преговори за земјата и на обезбедување средства за нејзина повоена обнова. Европратениците истакнуваат и дека Русија „мора да плати“ за огромната штета ја предизвика со агресијата и бараат конфискување на замрзнатите руски средства во ЕУ и нивно искористување за одбрана и обнова на Украина.
Со Резолуцијата се предлага и воведување поефикасни санкции кон Русија и рестриктивни мерки против кој било субјект што го овозможува заобиколувањето на санкциите и го снабдува рускиот воен комплекс со воени и со технологии за двојна намена.
Европарламентот, претходно, со 462 гласа „за“, 76 „против“ и 106 „воздржани“, усвои и Резолуција за европска поддршка на Сирија, со која се осудуваат „одмазднички акции“ против припадниците на алавитската заедница, се повикува на плурална и инклузивна политичка транзиција, која ќе ги вклучува сите верски и етнички заедници, жените, граѓанското општество и опозициските сили и се бара зголемување на хуманитарната помош и искористување на замрзнатите средства на членовите на поранешниот сириски режим за финансирање на обновата на земјата.
Водено, Европарламентот ги повикува ЕУ и нејзините земјите членки да ги поддржат преодните власти во Дамаск, а од нив се бара да ги прекинат „историските сојузи со Техеран и Москва“.