Русија е подготвена да се согласи со предлогот на САД за прекин на огнот во Украина, но бара гаранции дека Кијив нема да мобилизира или обучува војници, ниту да добива воена помош за време на тоа, изјави рускиот претседател Владимир Путин на 13 март.
Говорејќи на прес-конференцијата со белорускиот диктатор Александар Лукашенко, Путин рече дека крајот на непријателствата треба „да ги реши првичните причини за кризата“, повторуваќи го долгогодишниот наратив на Кремљ за неговата сеопфатна војна против Украина, пренесува Кијив Индипендент.
Неговите забелешки би можеле да сугерираат на максималистичките барања на Русија кон Украина, вклучувајќи територијална отстапка и неутралност на Украина.
Кијив се согласи на 30-дневен прекин на огнот предложен од Вашингтон за време на разговорите во Џеда на 11 март, под услов да го сторитоа и Русија. Разговорите во Саудиска Арабија, исто така, доведоа до тоа САД да ја рестартираат клучната воена и разузнавачка поддршка за Украина, која беше прекината минатата недела.
Самата идеја е добра и ние ја поддржуваме, но има голем број прашања за кои треба да се разговара“, рече Путин.
Според Путин, предложеното привремено примирје мора да биде дизајнирано на начин што може да доведе до долгорочен мир. Тој рече дека Русија сака гаранции дека Украина нема да мобилизира или обучува војници, ниту да добие оружје за време на 30-дневниот прекин на огнот.
Путин го спомена и рускиот пробив во Курската област, тврдејќи дека прекинот на огнот ќе биде корисен за Украина. Москва на 12 март тврдеше дека вратила над 86 отсто од заземените територии во регионот, вклучително и клучниот град Суџа, заземен од украинските трупи на почетокот на упадот во Курск во август 2024 година.
Врховниот командант на Украина, Олександр Сирскиј, ја призна „тешката ситуација“ во регионот, но рече дека Украина ќе ја држи одбраната „се додека е разумно и неопходно“.
Путин рече дека подготовките за прекин на огнот бараат дополнителни разговори, вклучително и разговор со американскиот претседател Доналд Трамп.
Трамп рече дека изјавата на Путин е „многу ветувачка“, но „не била целосна“, додавајќи дека е подготвен да се сретне со рускиот претседател.
Подоцна во текот на денот се очекува Путин да се сретне со Стив Виткоф, специјалниот пратеник на Трамп за Блискиот Исток.
Претходно, на 13 март, претседателот Володимир Зеленски рече дека Русија се обидува да го одложи мирот што е можно подолго, со оглед на недостатокот на јасен став за предложеното примирје.
Ј. Ѓ.