„Дали ќе има или не предвремени парламентарни избори заедно со локалните, зависи од најголемата владејачка партија, ВМРО ДПМНЕ“, изјави политичкиот аналитичар Ацо Кабранов за Фронтлајн, говорејќи за можноста политичките партии во земјава да одат на двојни избори, парламентарни и локални во октомври годинава.
– Владејачките партии имаат мнозинство и во секој момент можат да распишат предвремени парламентарни избори, не само со локалните туку кога сакаат можат. Се зависи од ВМРО ДПМНЕ. Ако премиерот и лидер на партијата како што тој вели израчуна математички прецизно дека со локалните да се одржат и парламентарните тогаш ќе има. Но не верувам, мислам дека повеќе од 58-те пратеници кои ги има на следните избори нема повторно да ги добие. Според мене Мицкоски нема да оди на локалните избори заедно и со парламентарни и ќе владее во комоцијата што граѓаните му ја дадоа на последните парламентарни. Со толку пратеници и речиси сите медиуми како Вучиќ во Србија зошто би се замарал со предвремени кога до редовните има уште цели три години, анализира Кабранов за Фронтлајн.
Дестан Јонузи