Премиерот Христијан Мицкоски на последната собраниска седница за пратенички прашања изјави дека нема да направи „ни милиметар“ поместување околу уставните измени сè додека во бугарскиот Комитет за малцинства не биде вклучен и Македонец.
Џелал Хоџиќ, претседателот на СДА Македонија во изјавите на Мицкоски гледа одредена количина на популизам.
– Изјавите на Христијан Мицкоски секако дека содржат одредена количина на популизам. Сведоци сме, според изјавите, дека меѓународната заедница прави напори во позадина, да го придвижи процесот. Актуелната власт јасно го стопираше напредувањето на Северна Македонија кон ЕУ, уште кога беше во опозиција. Тоа е нивна идеолошка позиција. Сега под притисок на меѓународната заедница, за враќањето на патот кон ЕУ бараат изговор, некаков вид на гаранции. Дополнителен притисок создаваат јасните пораки дека ЕУ ќе се проширува со нови членки до 2030 година, изјави Хоџиќ за Фронтлајн.
Има уште еден фактор, додава нашиот соговорник, кој сериозно влијае како притисок Северна Македонија да се врати на европскиот пат, а тоа е заоштрувањата на позициите на Западот кон Русија и нивната агресија врз Украина.
– Тоа го намалува просторот на автократските сили на Западен Балкан да шуруваат со путинова Русија. Од сите овие аспекти, јасно е дека власта предводена од ВМРО-ДПМНЕ или ќе ретерира па ќе одбере да ја враќа државата кон ЕУ или државата ќе ја носи кон изолација, која ќе предизвика голема општествена криза во државата, смета тој.
Од друга страна Либерално демократска партија (ЛДП) ќе иницира итна средба со премиерот и неговиот тим за меѓународна соработка на највисоко ниво за да разбере какви сѐ напори вложи и која е Стратегијата на владата во последните месеци, како што нагласи и самиот премиер Мицкоски, но и ќе побарат отчет и за тоа, каква е моменталната состојба и како можеме ние искрено да помогнеме во овој процес.
– Наша должност е како македонски граѓани и политичари во Македонија да бидеме во служба на народот и во интерес на граѓаните. Тие интереси се силни и праведни државни институции на земјата кои се одговорни и отчетни, просперитет и напредок што водат кон европски економски стандарди, како и еднаквост меѓу европските нации со статус на полноправни членки на Европската унија. Ние ќе продолжиме уште посилно да работиме и лобираме врз основа на информациите што ќе ни ги дадат премиерот и неговиот тим, како и врз основа на ресурсите кои сообразно ќе бидат ставени на располагање, соопштија од ЛДП.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче на дебатата на Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции за придобивките од Реформската агенда 2024 – 2027 оцени дека патот кон Европската унија трае предолго, но не смее да се откажеме, мораме да се обединиме бидејќи кога сме заедно ги обединуваме сите капацитети и нема пречка што не можеме да ја совладаме.
Тој истакна дека Македонија дала премногу жртви без поголем резултат на патот кон Унијата но не смее да се откаже затоа што не постои никој друг извор на средства кој вложува повеќе во човечкиот капитал и најмногу тоа се гледа кај соседите кои напредуваат во преговорите.
– Сметам дека премногу долго трае нашиот пат кон ЕУ сме дале многу жртви не сме виделе многу голем резултат. Причините сите ги знаеме меѓутоа се поставува прашањето треба ли сега да се откажеме. Не постои никој друг извор на средства ниту заем којшто ќе вложи во клучната работа, а тоа е човечкиот капитал и само така ќе видиме видливи резултати кога ќе инвестираме во отворена економија, во економија којашто е базирана на знаење. Се поставува прашањето што треба да направиме. Мислам дека треба да се направи споредба. Треба да се направи споредба со некои земји коишто се приклучија во ЕУ како тие имаат пристап до сериозно големи фондови тоа се европските фондови за развој, како нивните земји практично се менуваа, пред нивните очи а и ние ги гледаме тоа се земји соседи Бугарија, понатаму Романија, Хрватска итн, рече Филипче.
Притоа Филипче потенцираше дека патот кон ЕУ мора да се води заедно и обединети затоа што тоа е единствениот клуч како да се избориме против пречките кои се испречуваат при патот во евроинтеграциите.
– Време е да гледаме низ една друга перспектива да влеземе да работиме и да се бориме што и да е на масата каква и пречка да е пред нас исправена мораме да се обединиме поради тоа што кога сме заедно ги обединуваме сите капацитети. Нема пречка што не можеме да ја совладаме поради тоа што најлошото сценарио е сите овие проблеми да едноставно да ги ставиме на страна и да ги оставиме да ги решаваат следните генерации поради тоа што тоа никој нас нема да ни го прости, нагласи Филипче.
Извештајот на специјалниот известувач на ЕУ за Северна Македонија, на 4 јуни ќе биде предмет на расправа во Европскиот парламент.
Дестан Јонузи