Професорот и поранешен амбасадор во НАТО, Нано Ружин, во изјава за Фронтлајн истакна дека Преспанскиот договор претставува значаен чекор напред за Македонија, и покрај отпорот кој постоеше во јавноста при неговото потпишување.
– Авторите на Преспанскиот договор имаа голема храброст кога го склучија договорот, особено знаејќи дека јавноста тогаш беше доминантно против. Но, идентитетот не се губи со промена на име – идентитетот е тоа што човекот чувствува дека е, нагласи Ружин.
Тој остро критикуваше политичари и „некомпетентни експерти“ кои, како што рече, ширеле страв и лажни наративи дека договорот претставува губење на националниот идентитет.
– Седум години по договорот, време е да покажеме зрелост – и како интелектуалци, и како народ, изјави Ружин, потенцирајќи дека јавноста сѐ уште не е до крај свесна за придобивките што ги добила земјата.
Според него, договорот придонел за значително подобрување на односите со Грција, и на политички и на економски план, како и за членството во НАТО.
– Со влезот во Алијансата, станавме дел од 30-те највлијателни дипломатии. Нашите министри и претседатели сега седат на иста маса со најмоќните во светот, истакна тој.
Ружин смета дека иако „политиката секогаш сака да профитира, реалноста е друга“ и верува дека идните генерации ќе ја препознаат вредноста на договорот.
-Никој не сакаше да се откаже од името Република Македонија, но компромисите се нужни за напредок. И покрај тоа, ние останавме Македонци. На крајот, добивме нешто за кое сонувавме 30 години – меѓународна субјективност, рече Ружин.
Тој заклучи дека последниот чекор кон целосна евроатлантска интеграција е уставната промена за вклучување на Бугарите во Преамбулата – што, според него, ќе ја заокружи државната стабилност и европската перспектива на Северна Македонија.
Дестан Јонузи