И покрај повици на опозициската СДСМ за национално обединување околу ЕУ интеграциите на државата, политичката сцена е разгорена од вербални судири токму за најважното, членството на Македонија во ЕУ.
На говор по повод годишнината од основањето на ВМРО-ДПМНЕ, претседателот на ВМРО ДПМНЕ и премиер, Христијан Мицкоски, отворено го обвини поранешниот министер за здравство и пратеник од СДСМ, Венко Филипче, за како што кажа „шпионажа“ во Грција.
– Не можеме да дозволиме оние кои треба да бидат чувари на националните интереси да нè шпионираат во странство… Она што го направи Венко Филипче во Атина само нè потсети дека шпионажата против сопствената земја не е непозната работа и не треба да се заборави, изјави Мицкоски.
Овие обвинувања следуваа како реакција на говорот на Филипче минатата недела на панел организиран од поранешниот грчки премиер, Алексис Ципрас.
Во своето обраќање, Филипче го критикуваше Мицкоски за авторитарно владеење и за политики кои, според него, ја оддалечуваат Македонија од патот кон Европската Унија.
СДСМ веднаш реагираше на изјавите на Мицкоски, нарекувајќи го настапот на Филипче во Атина „патриотски чин“.
– Фактот дека Мицкоски се обидува да воспостави авторитарна диктатура во Македонија и дека неговите намери беа разобличени на меѓународна сцена, не е ‘шпионажа’, туку патриотизам, изјави портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
Таа додаде дека ВМРО ДПМНЕ не треба да ги заборави своите корени во борбата против авторитарни и супремациски режими, потенцирајќи дека да се биде авторитарен нема ништо заедничко со патриотизмот.
Судирот меѓу двете политички ривали доаѓа во чувствителен период за земјата, кога политичките тензии и европскиот пат остануваат клучни прашања во јавниот дискурс.
Дестан Јонузи