За власта, ребалансот значи раст, развој и стабилност, додека опозицијата го отфрла со остри обвинувања – се земаат пари од граѓаните за да се покрие луксузот на Владата.
– Со ревидираните фискални проекции се врши усогласување на трошоците со досегашната реализација и очекувањата, односно се обезбедуваат дополнителни средства за исплата на плати, пензии, програмски активности и проекти, со истовремено користење на средствата од минатите години на посебните сметки, изјави Николчо Јанкуловски – заменик министер за финансии.
Вкупно се поднесени 226 амандмани, од кои 160 од опозициската СДСМ. Меѓу нив се бара издвојување на 934 милиони денари за финансиска поддршка за семејствата на загинатите и повредените во несреќата во Кочани, 60 милиони денари за реконструкција на болницата во Кочани и 20 милиони за нова медицинска опрема, зголемување на студентските стипендии и други интервенции.
– Со овој ребаланс, власта ги крати субвенциите и социјалните трансфери за 30 милиони евра. Тоа е директен удар врз земјоделците, работниците, семејствата со ниски приходи и социјално ранливите категории. Истовремено, се зголемуваат расходите за стоки и услуги за Владата – што значи повеќе папаја, манго, приватни авиони и скапи авантури за функционерите. Ова е срамен пораз и понижување. Владата избра да го штити својот луксуз, а не стандардот на народот, изјави Сања Лукаревска – пратеничка од СДСМ.
Пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи на комисиската расправа за ребалансот на буџетот на собраниската говорница стави „розови очила за читање на ребалансот на буџетот“.
Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече Битиќи.
Со Предлог ребалансот што го усвои Владата на 19. месецов вкупните приходи се проектирани на ниво од 362,4 милијарди денари, а капиталните расходи се планирани во висина од 47,5 милијарди денари. Проекцијата за БДП останува 3,7 проценти, а инфлацијата се очекува понатаму да се стабилизира и е проектирана на ниво од 2,8 проценти. Буџетскиот дефицит останува непроменет и во апсолутен износ и како процент од БДП, односно 41,3 милијарди денари или 4 проценти од БДП.
Во анализата за ребалансот на Буџетот, институтот Фајнанс тинк го реафирмира ставот дека проектираниот раст на даночните приходи од 12,6 проценти, односно повеќе од двојно повисоко од збирот на проектираната реална стапка на раст на БДП и (ревидираната) стапката на инфлација, е амбициозен.
– Во таа насока, говори и реализацијата на даночните приходи во првите 5 месеци од годинава која изнесува 37,6 проценти (споредено со пропорционален процент на остварување од 41,7 проценти), слично со остварувањето кај приходите од ДДВ (36,9 проценти), акцизите (34,4 проценти) и увозните давачки (36,6 проценти) кои претставуваат директен одраз на пулсот на економијата, посочуваат од Институтот.
Според Фајнанс тинк, сепак, вредно за обележување е дека неданочните приходи се зголемуваат во износ од 4,2 милијарди денари, кои во значаен дел се остварени од финансискиот резултат на Народната банка, обезбеден преку законски измени порано во текот на годинава со кои се овозможи 85 проценти од финансискиот резултат на Народната банка да се уплаќа во Буџетот на државата.
Со ваквото зголемување на буџетските приходи се овозможи зголемување на буџетските расходи, и тоа најмногу кај платите на јавната администрација (830 милиони денари), стоките и услугите (1,8 милијарди денари) и пензиите (2,5 милијарди денари).
Расправата во Собранието по Предлогот за изменување и дополнување на Буџетот за 2025 година, во второ читање, почна вчера на седницата на Комисијата за финансирање и буџет. Десет дена трае општиот претрес и амандманската расправа во Комисијата за финансирање и буџет. Според информациите објавени на собраниската страница, за Предлог-буџетот се поднесени над 200 амандмани од овластени предлагачи.
Дестан Јонузи