Ребалансот на буџетот за 2025 година, наместо да биде стратешки документ кој ќе овозможи долгорочна стабилност и економски раст, прерасна во инструмент за краткорочни политички цели и подготовка за локалните избори во октомври. Иако Министерството за финансии се обидува да го претстави како “одраз на реалните потреби на граѓаните”, суштината на документот говори сосема спротивно.
Министерката Гордана Димитриеска-Кочоска во своето образложение пред пратениците зборуваше за „повеќе пари за инвестиции, поддршка на приватниот сектор и сигурна исплата на плати и пензии“. Но, под површината на тие политички коректни фрази се крие една горчлива реалност – буџетот е кроен по мерка на власта, не на граѓаните.
Пратениците од опозицијата забележаа дека ребалансот не е ниту развоен, ниту социјално одговорен.
Според Фатмир Битиќи од СДСМ, буџетскиот дефицит достигнува алармантни 41.3 милијарди денари, што е над законски дозволениот праг од 3%, дури и во вонредни околности. Но, државата не се соочува со глобална криза – туку со домашна: криза на планирање, отчетност и вредности.
Тој додаде дека дефицитот само од крајот на април до средина на јули е зголемен повеќе од двојно – од 13,4 на над 30 милијарди денари, што е јасен знак дека фискалната контрола е изгубена, а јавната потрошувачка расте непродуктивно.
Битиќи истакна дека со ребалансот се зголемува задолжувањето, и домашно и надворешно, со што се создава товар за идните генерации, а секоја нова обврзница и секој нов кредит значи помалку пари за училишта, здравство и инфраструктура.
– Со ребалансот домашниот долг се зголемува за 3,15 милијарди денари, надворешниот за 1,38 милијарди, а најавено е и ново задолжување од 500 милиони евра до крајот на годината. Според проценките на Фискалниот совет, јавниот долг ќе достигне 62,1% од БДП – над дозволената граница. Дополнително, Фискалниот совет идентификува над 700 милиони евра доспеани, но неисплатени обврски – скриени долгови кои не се евидентирани во дефицитот, но реално го притискаат буџетот и ја подриваат транспарентноста, нагласи Битиќи.
Toj истакна дека се дуплира ставката за набавка на автомобили, капиталните расходи, наместо да одат за болници, училишта или зелена инфраструктура, се пренасочуваат за набавка на возила.
– Се купуваат автомобили во вредност од речиси 900 милиони денари, во време кога капиталните инвестиции бележат ниска реализација од 28%, истакна Битќи, додавајќи дека Владата троши 1,8 милиони евра за 134 метри квадратни штанд на ЕКСПО 2027 – што значи 5.550 евра по метар квадратен, а со тие средства може да се обезбедат над 12.000 сензори за дијабетичари односно да се опслужат 460 пациенти со дијабетес тип 1. Се кратат средствата за животна средина за 868 милиони денари, како и економската поддршка за мали и средни претпријатија, на кои и скромните 18.5 милиони денари им се ускратени на 11.5 милиони денари, истакна Битиќи.
Битиќи нагласи дека владата најавува зголемување на пензиите, но реалноста е дека 92% од пензионерите ќе добијат помалку отколку што би добиле со постојниот модел, а само 22.000, од над 330.000 пензионери ќе добијат 100 денари повеќе.
– Проекцијата за инфлацијата останува фиксирана на 2,8%, но реалноста е поинаква – минималната кошница се зголемила за 3.443 денари само во последните четири месеци, и за 7.000 денари во текот на една година. Животот поскапува, а платите и буџетските мерки не го следат тој тренд. Наместо мерки за заштита на куповната моќ – добиваме буџет без визија, без развојна насока и без слух за реалните потреби на граѓаните, нагласи пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи.
Од април до јули, дефицитот се има повеќе од удвоено, што покажува дека контролата врз јавните финансии е изгубена. Се зголемува домашното и надворешното задолжување, на грбот на идните генерации. Секоја нова еврообврзница значи помалку пари за образование, здравство и инфраструктура.
Пратеничката Сања Лукаревска јасно посочи дека средствата се кратат токму таму каде што се најпотребни – кај најранливите категории. Нема стабилност, нема предвидливост, нема развојна компонента. Ова е ребаланс кој служи исклучиво за купување изборна наклонетост.
Особено критички настапи пратеникот Халил Снопче од Алијансата за Албанците, кој го нарече буџетот „калпав систем“ и директно ја обвини Владата за ароганција, авторитарна логика на одлучување и целосно игнорирање на поинакви мислења. Тој укажа дека ако буџетот е „стратешки документ“, зошто на седницата не присуствуваа сите министри, туку само еден заменик-министер? Тоа, според него, е показател за целосно несериозен однос кон институционалната рамка и демократијата во државата.
Снопче остро предупреди: „Со ваков менталитет, системот не е расипан – тој е скапан. Поправка не е можна без целосна промена на политичката култура и свеста на населението.“
Наместо да биде алатка за развој и општествена еднаквост, ребалансот се претвори во политичка алатка за предизборен поткуп. Наместо да ги решава системските слабости, тој ги продлабочува. Државата останува заглавена во статус кво, во услови на институционална корупција, селективна распределба на средства и арогантна концентрација на моќ.
Дестан Јонузи