Сè појасно станува дека прашањето за Јавниот обвинител станува клучен политички судир во државата: правници предупредуваат дека земјата има потреба од обвинител со кредибилитет, избран дури и со меѓународна поддршка, а од СДСМ директно го обвинуваат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека се обидува да постави обвинител под негова контрола.


Правникот Ќенан Алиу во изјава за Фронтлајн оцени дека успешната интерпелација за јавниот обвинител не значи автоматско разрешување, но претставува политичко делегитимирање од страна на Собранието – со или без основа.
– Кај нас, секогаш кога се менува власта, се менува и јавниот обвинител. Сметам дека обвинителот треба и верувам дека ќе поднесе оставка, затоа што интерпелацијата ќе му остане како дамка за легитимитетот и кредибилитетот, изјави Алиу.
Тој нагласи дека Северна Македонија има потреба од јавен обвинител со кредибилитет во повеќе димензии, кој дури би бил избран со поддршка од меѓународен механизам.
– Само личност со неспорен интегритет и големина може да ја врши оваа сензитивна функција, која е клучна за развојот на општеството. Секоја власт посакува послушен обвинител, но демократијата, уставот, законот и кредибилни судии со силен карактер и достоинство треба да го спречат тоа, додаде Алиу.
Опозициската СДСМ излезе со остра реакција, обвинувајќи го лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, дека сака целосна контрола врз Јавното обвинителство и го обвини за обид за партизација на судството.
Според СДСМ, Мицкоски најпрво барал смена на Јавниот обвинител без конкретни причини, а потоа – кога избувна трагедијата во Кочани – тврдел дека ќе ја остави истрагата да тече и бил задоволен од постапувањето. Но сето тоа се променило кога во истрагата биле опфатени началници блиски до министерот Тошковски. Тогаш, велат од СДСМ, Мицкоски молчел, што според нив покажува дека му пречи вистината и независноста на институциите.
– Очигледно е дека Христијан Мицкоски сака обвинител под негова контрола. Не сака правда, туку контролирано обвинителство по партиска нарачка на ВМРО-ДПМНЕ, наведуваат од СДСМ.
Од СДСМ додаваат дека партијата Левица, која наводно се залага за правда, всушност му помага на ВМРО-ДПМНЕ да инсталира партиски обвинител, а тоа го докажува и фактот што не е донесен реформски Закон за јавно обвинителство и не се прифатени суштинските забелешки.
„Целта е јасна – да се избере обвинител само по волја на Мицкоски“, сметаат од СДСМ.
Партијата предупредува дека тоа би значело враќање на „тефтерчето“ и селективната правда, а како решение бара итно донесување нов, реформски Закон со кој ќе се гарантира независен избор на обвинител, ослободен од партиски притисоци.
– Тоа е волјата на граѓаните. Тоа е единствениот пат до вистинска правда, порачуваат од СДСМ и додаваат: „Мицкоски може да молчи, да се крие зад Левица, но правдата ќе стигне до секој. Граѓаните веќе гледаат што се подготвува – судство по мерка на ВМРО-ДПМНЕ.“
Северна Македонија првпат е опфатена во извештајот на Европската комисија за владеење на правото (2024). Судскиот систем е оценет со умерена подготвеност, но со ограничено спроведување на реформите и силни политички притисоци.
Европската комисија предупредува на недоволен буџет (само 0,31 % од БДП), забавени реформи во избор и дисциплина на судиите и обвинителите, како и слаба усогласеност со европските стандарди за борба против корупцијата и перењето пари.
Препораките се јасни: зголемување на буџетот до најмалку 0,5–0,6 % од БДП, поголема независност на институциите и итно спроведување на клучните закони за европска интеграција.
Дестан Јонузи