Претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, упати јавен повик до претставниците на студентско-блокадерското движење за дебата пред сите медиуми, пренесува N1.
Преку видео порака на својот Инстаграм профил, Вучиќ истакна дека проблемите во Србија треба да се решаваат преку демократски дијалог, а не со насилство.
View this post on Instagram
„Србија своите проблеми мора да ги решава со демократски дијалог, а не со насилство. Ги поканувам претставниците на блокадерското движење на разговор и јавна дебата за визиите, да разговараме за нашите планови и програми за иднината и сите заедно да го осудиме насилството на нашите улици“, напиша тој во описот на видеото.
Вучиќ додаде дека и покрај тоа што не се согласува со нивните барања, смета дека е важно да се слушнат. Тој изјави дека е од пресудно значење да се обнови дијалогот и дека е подготвен да разговара за иднината на Србија, а не за насилството на улиците, бидејќи „не е потребна граѓанска војна“.
Тој предложи разговор и дебата на сите телевизии и портали со тројца или четворица легитимни претставници кои ќе ги изберат студентите.
„Спремен сум да влезам во јавна дебата со тројца или четворица од оние кои мислат поинаку. Ќе бидам подготвен да ги сослушам, заедно да пробаме да најдеме решенија за нашата земја и да ги претставиме програмите. Време е да се покажат лицата, но уште поважно е да се претстават програмите – а потоа граѓаните ќе можат да видат чија визија е подобра и пореална за иднината на Србија“, изјави Вучиќ.