Кандидатот на Алијансата за Албанците и Националната алијанса за интеграција за општина Сарај, Блерант Рамадани, ветува решенија за водоводот, патиштата и канализацијата во рок од две години, апликација за транспарентност и проекти за туризмот, младите и економскиот развој на општината. Во интервју за Фронтлајн, тој зборува и за планот за развој на езерото Треска, изградбата на младински центар и поддршката на локалниот спорт.
Фронтлајн: Која е вашата визија за Сарај во следните четири години?
Блерант Рамадани: Мојата визија за Сарај е во следните четири години да ја промениме сликата на општината и да го подигнеме Сарај на повисоко ниво. Општина Сарај е дел од градот Скопје и не треба да се третира како рурална општина, туку треба целосно да се интегрира во градот Скопје, во главниот град на земјата, за и утре да се третира како таква. Планираме во првите две години да ги реализираме сите примарни потреби за нашата општина, така што паралелно ќе работиме на инвестиции и развојни проекти, за нашата општина да го добие статусот на урбана општина.
Фронтлајн: Kои ќе бидат трите први приоритети што веднаш ќе почнете да ги реализирате?
Блерант Рамадани: Ако победам, еден од клучните приоритети во првите 100 дена ќе биде да формирам работна група или тим, кој ќе ги детектира сите примарни потреби на граѓаните на општина Сарај и ќе изработиме детален акционен план за во првите две години да ги решиме сите потреби за вода за пиење, безбедни патишта и канализација. Со тоа ќе ги решиме првите потреби на нашите сограѓани од Сарај, така што паралелно ќе работиме на подигнување на развојни проекти, како во образованието, културата, економијата, земјоделието и други важни сфери за нашата општина.
Фронтлајн: Која конкретна промена можат да ја очекуваат граѓаните на Сарај од вас, што не ја видоа кај претходните градоначалници?
Блерант Рамадани: Навистина, уште во кампањата ќе ја претставиме и апликацијата „Нашата Општина“. Ја развиваме заедно со колеги програмери, каде секој граѓанин ќе има пристап да пријавува и да дава предлози 24/7. Ќе се формира тим кој во рок од 24 часа ќе треба да одговори на барањата или пријавите на граѓаните, така што тие ќе бидат поврзани со општината. Општината ќе биде отворена и транспарентна, секое тендерирање, секое известување, секој проект ќе биде споделен со јавноста и со нашите сограѓани од Сарај. Управувањето со општината не го гледаме само како раководење, туку и како услуга за граѓаните на Сарај, затоа сакаме и тие да бидат вклучени во одлучувањето. За поголеми проекти ќе бараме одобрување од граѓаните, за тие да бидат вклучени во поддршката или гласањето дали тој проект треба да се реализира или не. Секоја важна иницијатива ќе биде покрената во соработка со граѓаните на општина Сарај.
Фронтлајн: Дали имате конкретен план за подобрување на локалните патишта и подобро поврзување на селата со градот?
Блерант Рамадани: Во првите две години ќе се затворат примарните потреби како што рековме, но ние треба да работиме и на уредување на инфраструктурата, конкретно на главните патишта кои ги поврзуваат двете страни на Дервен или нашата општина. Бидејќи некои предлози се поврзани конкретно со Град Скопје, а не се само во надлежност на Општина Сарај. Претставници од Општина Сарај дадоа предлог во Генералниот план кој треба да се реализира од страна на Град Скопје, а со кој треба да се предвиди кружен тек што ќе ги поврзува двете страни на Дервен, конкретно од влезот во Кондово, Кондово – Радуша и делот Сарај – Бојане. Таму треба да се планира кружен тек, да се планира булевар на главниот пат во Сарај со кружни текови на клучните оски кон општината, приклучокот за Лубин и горниот дел на излезот од главниот пат, со цел да се олесни сообраќајот.
Приоритет ќе има и делот за уредување на тротоарите за да биде движењето на нашите деца, жени и постари лица безбедно и во модерни услови. Ние ќе работиме не само на подигање на инфраструктурата, туку и на нејзина модернизација.
Ова е проект кој ќе ги поврзе двете страни на Дервен до горниот главен дел на патот на Сарај, а потоа ќе се иницира и изградба на мост помеѓу селото Кондово и Љубин, каде повторно ќе се поврзат двете страни на Дервен. Тој мост беше заедничка идеја да се нарече “Заедно за Сарај“, кој ќе симболизира една многу важна албанска коалиција помеѓу двете најголеми албански партии, што не се случило од 2001 година наваму. Така што тоа ќе биде една симболика во себе, изградбата на тој мост, но и ќе го олесни сообраќајот за главниот влез во Сарај.
Ние треба да ја иницираме и изградбата на алтернативниот пат за езерото Матка, бидејќи за среќа се зголемува бројот на туристи, па треба да планираме приклучок од автопатот до езерото Матка. Но, исто така треба да планираме и иницираме приклучок на патот од индустриската зона, односно приклучокот на патот од индустриската зона директно на автопатот и на тој начин бизнисите кои се таму и новите бизниси кои ќе се изградат таму ќе имаат директен приклучок на автопатот. Тоа ќе биде олеснување за нив, но и за граѓаните за да не се оптоварува сообраќајот на главниот пат во Сарај.
Фронтлајн: Како ќе го третирате прашањето за водоводот, канализацијата и еколошкото загадување кое често го споменуваат жителите?
Блерант Рамадани: Ние, во првите 100 дена ќе презентираме конкретен план со граѓаните за тоа како во рок од две години ќе ги затвориме сите теми за вода за пиење, за локалните патишта и канализацијата. Овој план ќе се изработи заедно со граѓаните и експерти во рамките на општината, така што ќе се утврдат високите, средните и ниските приоритети. Сепак, целта е во рок од две години во општина Сарај повеќе да не се зборува за вода за пиење и канализација или локални патишта, ова да се затвори како тема, за Сарај повторно потенцирам, да го водиме кон развој на една урбана општина, со конкретни проекти за туризам, економски развој, образование, младински и спортски активности.
Во однос на елементот или концептот на екологијата, разговараме со група инженери за изградба на центар за рециклирање, конкретно тоа бара малку посебна стратегија, бидејќи за да се изгради центар за рециклирање мора да почне од граѓаните, конкретно мора да почне од фазата на редуктирање прво, селектирање, а потоа преработка. Тие познати три фази. Нашата општина има простор за изградба на центар за рециклирање кој ќе биде модел како се преработува отпадот на државно ниво. Имаме словенечки модел кој ќе го земеме како пример за да го имплементираме во нашата општина.
Фронтлајн: Кои чекори ќе ги преземете за создавање на простории за младината и на лицата со попреченост на Сарај?
Блерант Рамадани: Имавме активност со Младинскиот форум на политичките субјекти, но и заедно со младината. Јас сум предавач на универзитет веќе осум години и сум многу поврзан со студентите и со младите, така што за нив имаме предвидено изградба на младински центар, изградба на дом на култура заедно со библиотека и изградба на музеј.
Исто така, имаме предвидено и изградба на простории каде што ќе бидат позиционирани спортските клубови. Посебен фокус нема да биде само на фудбалот, туку и на кошарката, одбојката и на други спортови, така што да се вклучат и машките и женските во спортските активности и во спортските клубови, со цел да им се овозможат еднакви услови за да бидат дел од спортските активности.
Сакам да информирам и за идејата за отворање на иновативен центар кој ќе се вика „ИноСарај“. Тој центар ќе има за цел да ги таргетира талентите уште од основното образование и да им даде поддршка во обуките, да им даде поддршка во мрежното поврзување со експерти, така што да ги таргетираат нивните насоки, да ги развиваат нивните таленти и да ги водат до формирање на мал бизнис или некоја идеја која може да биде во служба на целата општина.
Друга идеја е и формирањето на фонд за сираци, за да имаме институционална грижа за сираците. Ние не планираме само давање на стипендии за сираците, туку и следење на нивниот развој од основното образование сè до нивната зрелост, бидејќи веруваме дека ним им недостасува грижата која ние другите ја имаме. Планираме општината да биде подадена рака, грижа за сираците за да им се овозможат услови и простории како и за сите нас.
Исто така, имаме предвидено и отворање на центар за лицата со попреченост, за жал бројот на лицата со попреченост е во пораст, но ние како општина ќе имаме конкретен план како ќе ги третираме и ќе им помагаме, конкретно на семејствата кои се погодени и семејствата кои имаат лица со попреченост во нивната околина. Општината ќе понуди подадена рака за изградба на институција, тоа можеби ќе биде општинска институција, но може да биде и со јавно-приватно партнерство, ќе ги повикаме локалните бизниси од нашата општина да придонесат и да им обезбедат услови за третман на оваа категорија кои се нашите браќа и сестри, кои се дел од нашиот секојдневен живот.
Фронтлајн: Дали имате план за подобрување на училиштата и наставните услови во оваа општина?
Блерант Рамадани: Секако дека да, образованието за мене, како и за нас, е чувствителен дел, но е и најважниот дел на еден народ. За ова ќе предвидиме следење на модерните трендови во образованието, ќе предвидиме обука на наставниците со нови технологии, со нови знаења за тие да имаат можност да ги пренесат тие знаења на нашите ученици. Ќе овозможиме услови во училиштата, со смарт табли, со обезбедување на STEM лаборатории, за да можеме да ги откриеме учениците кои имаат способности за природни науки, учениците кои имаат способности во спорт и во различни предмети. Верувам дека еден модел за откривање на потенцијалот и талентот на учениците може да биде многу корисен за тие утре да го најдат вистинскиот правец кон нивниот студентски живот и понатаму да најдат работа за да обезбедат егзистенција и нормално да придонесат за општината Сарај и за земјата во целост.
Фронтлајн: Спортот е многу развиен во Сарај, но често недостигаат соодветни терени. Како ќе го поддржите спортот и локалните клубови?
Блерант Рамадани: Во нашата општина имаме извонредни спортисти, истакнати фудбалери, јас сум тренирал во спортските клубови на нашата општина. Знам колку е потребна поддршка за овие клубови, особено од општината, но и од бизнис секторот. Ние ќе овозможиме поддршка за спортските клубови, ќе овозможиме изградба на простории каде што тие спортски клубови ќе ги имаат своите канцеларии.
Нам ни се потребни мултифункционални терени и за тоа го имаме Рекреативниот Центар Сарај, односно Паркот на Сарај, каде што ќе се планира изградба на мултифункционални терени каде што младите, со членство во клубовите, ќе имаат можност да вежбаат физички активности во различни спортови. Сепак, ова нема да се ограничи само во Рекреативниот Центар „Сарај“, туку ќе се направи и анализа за потребите во селата, каде што ќе има потреба да се изградат спортски терени, спортски сали, да се даде поддршка за локалните спортски клубови таму, така што ние како општина да бидеме подадена рака, да бидеме поддржувачи на спортот, бидејќи сметаме дека спортот ја одржува младината здрава и ја држи далеку од патиштата кои можат да бидат потенцијално опасни за нив.
Фронтлајн: Сарај има голем туристички и земјоделски потенцијал. Како ќе ги развиете овие ресурси за да донесете повеќе приходи за општината?
Блерант Рамадани: Денес се наоѓаме тука во Матка. Матка е бисер не само на главниот град, туку и на Македонија и за среќа ние како општина ја имаме оваа природна убавина. Ние како општина имаме природни убавини како Езерото Треска, за кое имаме конкретен план како да го оживееме. Имаме две реки, односно општината Сарај ја пресекуваат две реки, Вардар и Треска. Туризмот ќе биде посебен сегмент во нашиот план. Ние ќе излеземе со мотото општина Сарај – центар на туризмот не само на локално, туку и на регионално и европско ниво, бидејќи сèто ова го имаме.
Ќе направиме промотивна кампања за туристите да доаѓаат, тие веќе доаѓаат, но и да се запознаат со традиционалниот албански живот во овие региони овозможувајќи им на инвеститорите, жителите да инвестираат во агротуризмот, овозможувајќи им услови да отворат локали каде што ќе се промовира традиционалниот живот и локалната храна.
Имаме план да дадеме рок од шест месеци, бидејќи да дадам краток опис, Езерото Треска е местото што најмногу ги тангира жителите на општината Сарај, но административните процедури доведоа до тоа Урбанистичкиот План на Езерото Треска и неговите надлежности да бидат предадени на Агенцијата за Туризам, која тогаш беше во рамките на Министерството за Економија, а сега е во рамките на Министерството за Култура, да не ја свикаат комисијата од седум члена од кои еден е од општината Сарај и да не се иницира реализација на Урбанистичкиот План за Езерото Треска.
Ние ќе дадеме рок со новото раководство на општината, период од шест месеци доколку оваа Агенција не ја свика комисијата за да започнат фазите на реализација на овој проект, ние ќе бараме враќање на надлежностите на општината Сарај, така што општината да ја направи објавата, да го направи тендерирањето за да го реализира проектот на Езерото Треска.
Езерото Треска го има можеби најдоброто место во општината Сарај, да се врати стариот изглед на Езерото, овозможувајќи простор од 20 метри околу езерото, за рекреација, за плажа, така што не само жителите на Сарај туку цело Скопје и пошироко да доаѓаат да го посетат тоа убаво место.
Таму имаме простор за изградба на угостителството, за изградба на ресторани, така што и локалните бизниси ќе имаат простор да се вклучат во реализацијата на овој проект за кој верувам дека ќе ја промени сликата на нашата општина.
Втората работа е и третманот на реките, предвидуваме и изградба на патека за велосипеди за велосипедистите, за жителите и туристите за прошетка, долж реката Вардар и реката Треска бидејќи нивното поврзување е веднаш на влезот на Сарај и оттаму може да има патека за велосипедисти и туристи за тие да дојдат до Езерото Треска, тоа треба да биде првата фаза и потоа од таму, втората фаза да дојдат до Матка, истото да се реализира и во реката Вардар.
Дестан Јонузи