Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, испрати порака до Владимир Путин откако руски дронови влегоа во полскиот воздушен простор.
– Престанете со војната во Украина. Престанете со ескалацијата на војната. Престанете со прекршување на воздушниот простор на сојузниците и знајте дека сме подготвени, порача Руте.
Говорејќи за медиуми, тој изјави дека инцидентот е продолжение на руската војна во Украина и ја предупреди Москва дека сојузниците се „решени да ја бранат секоја педа територија“.
На новинарско прашање дали смета дека упадот на дроновите бил намерен, одговори дека сè уште се врши проценка. Тој ја пофали реакцијата на Алијансата и им се заблагодари на сите сили кои учествувале, наведувајќи дека во операцијата учествувале Полска, Холандија, Италија и Германија.