Струга станува една од најспоменуваните општини во трката за локалните избори во октомври, каде што кандидатите настапуваат со програми и пораки кои имаат цел не само подобрување на инфраструктурата, туку и оживување на економскиот и социјалниот живот во градот.
Независниот кандидат поддржан од коалицијата ВЛЕН, Менди Ќира, истакна дека моменталната состојба во општината е „алармантна“ и бара итни мерки.
„Малиот, средниот и големиот бизнис треба да се слушне. Нема повеќе време за одлагања. Струга има потреба од економски развој, а тоа се постигнува само кога стопанствениците чувствуваат поддршка од локалната власт“, изјави Ќира.
Тој додаде дека неговата поддршка за бизнис заедницата ќе биде конкретна и директна.
„Максимално ќе ја имате мојата поддршка – било во аспект на изградба, урбанистичко уредување, вработувања или во решавање на проблемите што секојдневно може да ги имате. Заедно ќе изградиме Струга каде што бизнисот ќе напредува, а младите ќе ја гледаат својата перспектива“, рече Ќира.
Во неговата програма е вклучено и зголемување на инвестициите во туризмот, сектор кој е од витално значење за Струга, имајќи ја предвид географската положба и долгата традиција како туристичка дестинација за домашни и странски посетители.
Во меѓувреме, кандидатот на Националната алијанса за интеграција (НАИ), Арсим Далипи ја нагласи важноста на транспарентноста, довербата и одговорното работење во служба на граѓаните.
„Струга е срцето на многу култури, место на соживот и гостопримство. Но, за жал, се претвори и во место на нереализирани ветувања и изгубени можности. Затоа, доста беше! Време е да ѝ го вратиме на Струга развојот и достоинството“, рече Далипи.
Тој вети дека нема да стане дел од празна реторика, туку ќе остане верен на секој збор што ќе го даде. „Ќе бидам гласот на граѓаните и ќе работам со срце и одговорност за една поуредена, помодерна Струга со повеќе можности за сите“, додаде тој, најавувајќи реформи во администрацијата и подобрување на општинските услуги.
Струга, еден од најважните туристички и културни центри во Северна Македонија, со години се соочува со бројни предизвици: недостиг на одржливи инвестиции, дотраена инфраструктура, неефикасно управување со отпадот, како и масовно иселување на младите кон земјите на ЕУ.
Локалните избори оваа година се очекува да бидат клучни за идниот правец на општината. Кандидатите се обидуваат да ги убедат граѓаните дека го имаат визијата и капацитетот да го прекинат застојот и да ја претворат Струга во модел на локален развој.
Политичките аналитичари истакнуваат дека трката во Струга ќе биде жестока, бидејќи градот отсекогаш бил важен изборен бастион за албанските партии, а овојпат изборната битка е отворена и непредвидлива.
Дестан Јонузи