Како што се ближи крајот на 2025 година, водечките светски речници ги објавија своите избори за „збор на годината“ – традиција што често ја открива атмосферата, трендовите и опсесиите на современата култура. Оваа година изборите се движат од академски термини до интернет сленг и дури до – број.
Речникот Кембриџ: „parasocial“
Cambridge го избра терминот „parasocial“, кој го дефинира како врска во која една личност чувствува блискост со славна личност, фиктивен лик или вештачка интелигенција – иако таа врска е еднострана.
Поимот првпат се појавил во 1956 година во академска студија на Доналд Хортон и Ричард Вол, но Кембриџ истакнува дека во 2025 година интересот експлодирал, особено по инцидентот кога Јутјуб-ѕвездата IShowSpeed блокираше фан кој самиот се нарече „number 1 parasocial“.
Во објавата се истакнува дека 2025 е година во која јавноста сè повеќе зборува за парасоцијалните односи – од медиумскиот интерес околу Тејлор Свифт и Тревис Келси, до луѓе што бараат пријателство или романтика со ВИ-чатботи.
Речникот Колинс: „vibe coding“
Collins во 2025 се одлучи за технолошки термин – „vibe coding“, сленг кој ја опишува употребата на ВИ за пишување код по природен говор: наместо програмерот да пишува, машината „ги чувствува вибрациите“ и го создава кодот.
Терминот го измислил Андреј Карпати, коосновач на OpenAI, кој во февруари оваа година го опиша како пристап каде „целосно му се препушташ на моделот и забораваш дека кодот постои“. Collins нотира дека ова е јасен пример како јазикот брзо се прилагодува на новите технологии.
На кратката листа се најдоа и други „ВИ-сводни“ термини како „clanker“ (потекло од Star Wars) и „broligarchy“, алузија на машката техно-елита со политички амбиции.
Dictionary.com: „6-7“ – број наместо збор
Најневообичаениот избор доаѓа од Dictionary.com, кој за збор на годината го прогласи „6-7“ – број изговорен „six-seven“.
Терминот произлегува од песната „Doot Doot (6-7)“ на раперот Skrilla и експлодираше на TikTok и Instagram. Се користи во различни контексти – од шеги поврзани со висината на НБА-ѕвездата Ламело Бол до тинејџерски видеа.
Но значењето е… магливо. Dictionary.com вели дека „6-7“ понекогаш значи „so-so (така-така)“, понекогаш „може вака, може онака“, а најчесто служи за фрустрирање на возрасните, со намерно недефиниран одговор на секое прашање.
Според нив:
„Тоа е бесмислено, секаде присутно и тотално хаотично – совршено за интернет генерацијата.“
Редакција Фронтлајн





