Вашингтон врши најсилен притисок досега врз Кијив за да го прифати американскиот мировен предлог кој, според неофицијални извори, вклучува и отстапки кон главните барања на Москва.
САД ѝ се заканиле на Украина дека ќе го намалат воениот материјал и споделувањето разузнавачки податоци доколку Киев не се согласи со предложената рамка на мировен договор, пренесе Ројтерс повикувајќи се на два извори упатени во разговорите.
Изворите, кои зборувале под услов на анонимност, велат дека украинските власти се под посилен притисок од Вашингтон отколку во било која претходна рунда мировни иницијативи. Според информациите, САД бараат Украина да го потпише рамковниот документ најдоцна до следниот четврток.
„Сакаат да го запрат војувањето, а Украина да ја плати цената“
Еден од изворите за Ројтерс изјавил:
„Тие сакаат да ја запрат војната и сакаат Украина да ја плати цената.“
Според наводите, Вашингтон поднел 28-точки во документ кој усвојува дел од клучните руски барања – меѓу нив, отстапување на дополнителни територии, ограничување на украинската армија и забрана Украина некогаш да стане членка на НАТО.
Американска делегација во Кијив
Висока делегација на американската армија во четвртокот се сретнала со претседателот Володимир Зеленски во Кијив за да разговара за патот до можен договор.
Амбасадорката на САД во Украина и шефот за односи со јавност на американската армија, кои патувале со делегацијата, по средбата изјавиле дека таа била „успешна“ и дека Вашингтон бара „агресивен временски рок“ за потпишување документ меѓу двете земји.







