Европскиот план за запирање на конфликтот, до кој дошол Telegraph, драматично се разликува од мировниот план на Доналд Трамп. Американските предлози беа нашироко критикувани како прекумерно поволни за Москва, бидејќи ѝ отстапуваат значителни делови украинска територија, го ограничуваат бројот на украинските вооружени сили и забрануваат присуство на НАТО-трупи на украинска територија, пренесува хрватската агенција Hina.
Наспроти тоа, европскиот план многу поотворено ја поддржува Украина, признавајќи ги огромните жртви што земјата ги поднесе во војната со Русија. Една од клучните разлики е барањето „да нема ограничувања“ за големината на украинската армија.
За разлика од планот на Трамп, европскиот документ не го исклучува украинското членство во НАТО, оставајќи ја конечната одлука на „консензусот во рамките на Алијансата“. Ова прашање одамна е точка на спор и веројатно ќе ја разгневи Москва, која го обвинува НАТО за ширење кон нејзините граници и за „предизвикување“ на војната.
Планот на Трамп е значително попомирлив кон Москва
Европскиот план дополнително нагласува дека Украина „не мора да биде неутрална држава“ и дека има право да повикува „пријателски сили“ да дејствуваат на нејзина територија ако тоа го посака. Украина би добила и „силни, правно обврзувачки безбедносни гаранции, вклучително и од САД“, со цел да се спречи идна агресија.
Иако европскиот документ прифаќа дека санкциите кон Русија би можеле постепено да се ублажуваат, тоа е можно само доколку Москва целосно се придржува до мировниот рамковен договор; секое прекршување би довело до автоматско враќање на санкциите.
Планот на Трамп, пак, е далеку поповолен за Русија – предвидува укинување на санкциите, долгорочни економски договори меѓу САД и Русија за експлоатација на минерали и развој на вештачка интелигенција, па дури и можно враќање на Русија во Г7.
Европски план: детална структура
Прекин на огнот
Крај на војната и договори што ќе обезбедат таа да не се повтори, создавајќи основа за траен мир и стабилност.
Двете страни се обврзуваат на целосно и безусловно примирје во воздухот, на копно и на море.
Започнуваат технички преговори за мониторинг на примирјето, со учество на САД и европските држави.
Воведување меѓународен механизам за надзор предводен од САД, со примена на сателити, дронови и други технологии, како и ограничена копнена компонента за проверка на прекршувања.
Воспоставување механизам за пријавување, истрага и корекција на евентуални прекршувања на примирјето.
Хуманитарни прашања и мерки за градење доверба
Русија безусловно ги враќа сите депортирани и незаконски однесени украински деца, со меѓународна поддршка.
Размена на сите воени заробеници („сите за сите“). Русија ги ослободува сите цивили-заробеници.
По стабилизирање на примирјето, двете страни ќе овозможат хуманитарна помош и семејни посети преку линијата на контакт.
Гаранции за суверенитет и безбедност
Украинскиот суверенитет се почитува и потврдува – Украина не е должна да биде неутрална.
Украина добива силни, правно обврзувачки безбедносни гаранции, вклучително и од САД – договор сличен на член 5. од НАТО
Нема ограничувања за украинските одбранбени сили и воената индустрија, вклучително и меѓународната соработка.
Земјите-гаранти ќе бидат група европски и други држави; Украина слободно одлучува кои „пријателски сили“ може да повика.
Членството на Украина во НАТО зависи од консензус во Алијансата.
Украина станува членка на Европската Унија.
Украина останува ненуклеарна држава.
Територија
Територијалните прашања ќе се решаваат по целосното и безусловно примирје.
Разговорите започнуваат од актуелната линија на контрола.
Двете држави се обврзуваат дека договорените граници нема да ги менуваат со сила.
Украина повторно ја презема контролата над нуклеарната електрана Запорижја (со поддршка на САД) и браната Каховка.
Украина добива неограничен пристап по реката Дњепар и контрола врз Кинбурнската превлака.
Економија, обновување и репарации
Украина и партнерите воспоставуваат неограничена економска соработка.
Украина ќе биде целосно обновена и финансиски обесштетена, вклучително и преку рускиот државен имот, која останува замрзната сè додека Москва не ја надомести штетата.
Санкциите кон Русија (од 2014 наваму) може постепено да се ублажуваат само по постигнат траен мир и со механизам за автоматско враќање во случај на прекршување.
Европска безбедносна архитектура
Ќе започнат одделни разговори за идната европска безбедносна структура, со учество на сите земји членки на ОБСЕ.
Што предвидува планот на Трамп?
Освен територијалните отстапки од Украина, планот на Трамп наведува дека во случај на понатамошно руско напредување би следила „решителна координирана воена реакција“, без да прецизира која би била улогата на САД.
Планот содржи и економски елементи: дел од замрзнатата руска имоти би се користел за обнова на Украина, санкциите кон Москва би се укинале, а САД и Русија би воспоставиле долгорочна соработка во области како вештачка интелигенција и рударство. Документот дури предвидува и враќање на Русија во Г8.
Сите страни би добиле амнестија за делата сторени за време на војната – што значи дека руските функционери и војници не би можеле да бидат гонети за воени злосторства. Планот, исто така, предвидува одржување избори во Украина во рок од 100 дена по договорот. Зеленски претходно рече дека изборите се можни само по воспоставување стабилно примирје.
Редакција Фронтлајн





