Иако при споменување туристички гужви најчесто се мисли на Шпанија или Грција, титулата на најпренатрупана земја во светот – според бројот туристи во однос на населението – ја носи една на изглед неочекувана европска држава. Станува збор за Австрија, која со околу девет милиони жители годишно ја посетуваат дури 32 милиони меѓународни туристи, пренесува Mirror.
Според истражувањето на платформата MoneyTransfers.com, Австрија има најголем број туристи по жител. На секој еден Австриец му доаѓаат околу 3,6 туристи – сооднос што оваа континентална земја ја поставува на самиот врв на светската листа.
Виена – главниот магнет за посетители
Очекувано, најголемиот дел од туристичкиот притисок е сконцентриран во главниот град Виена. Позната и како „градот на соништата“, Виена привлекува посетители со својата раскошна барокна архитектура, историски знаменитости и богат ноќен живот, потпомогнат од бројни ресторани, кафулиња и барови. Меѓу најпосетуваните атракции се дворецот Schönbrunn, Виенската државна опера и Природонаучниот музеј.
Но додека Виена одамна е навикната на масовен туризам, сѐ поголем проблем претставува зголемениот интерес за помалите места, кои честопати немаат соодветна инфраструктура за толкав прилив на гости.
Халштат – мал град, огромен притисок
Најјасен пример за тоа е Hallstatt, живописно алпско гратче познато по своите куќи покрај езеро, водопади и снежни планински врвови. Неговата популарност нагло порасна откако се прошири тврдењето дека токму Халштат бил инспирација за филмското кралство Арендел во анимираниот филм Frozen.
@luxeaway Hallstatt is overcrowded and there are so many other beautiful towns in the Austrian Lakes district. Try these places instead: #authentictravel #hallstatt #traveltips #socialmediavsreallife ♬ original sound – LuxeAway
Овој град под заштита на UNESCO, со само околу 800 жители, годишно привлекува повеќе од еден милион посетители. Пред пандемијата, низ неговите тесни улици минувале и до 10.000 туристи дневно, што ги натера локалните власти да експериментираат со мерки за намалување на гужвите. Во еден момент дури беа поставени и дрвени огради за да се ограничи погледот кон езерото од популарна точка за фотографирање.
Мерката, сепак, беше брзо укината поради бурните реакции на социјалните мрежи. Поради сѐ понеодржливиот туристички притисок, градоначалникот подоцна воведе ограничувања за туристичките автобуси и автомобили, нагласувајќи дека целта е бројот на посетители да се намали барем за една третина.





