Србија во текот на 2025 година доделила најмалку 121 државјанство на странски државјани, најчесто повикувајќи се на формулацијата „интерес на Република Србија“, без јавно објавени и јасно дефинирани критериуми. Најголем дел од новите државјани се руски државјани, што дополнително ги засили критиките за нетранспарентност и политичка мотивираност на овие одлуки, пишува Nova.rs.
Според истражувањето на Радио Слободна Европа од средината на ноември, речиси две третини од доделените државјанства во 2025 година им припаѓаат на државјани на Русија. Токму ваквата практика претходно беше предмет и на забелешки од Европската унија, особено поради, како што се наведува, недоволно строги безбедносни проверки пред доделувањето пасоши на странци.
Меѓу новите државјани се најдоа и повеќе контроверзни имиња. Како што објави српски Nedeljnik, најмалку четворица руски олигарси добиле српско државјанство во текот на 2025 година, иако критериумите за одлуките на владата, тогаш предводена од Милош Вучевиќ, не биле јавно појаснети. Сите одлуки биле потпишани од Вучевиќ како премиер во оставка и се повикувале на член 19, став 1 и 3 од Законот за државјанство – одредби кои дозволуваат прием „во интерес на државата“.
Најпознатиот меѓу нив е Олег Бојко, кој станал државјанин на Србија на 6 март 2025 година. Според Си-Ен-Ен, Бојко се наоѓа на 17-то место на т.н. „Путинова листа“ на Министерството за финансии на САД, која опфаќа олигарси што директно профитирале од доаѓањето на Владимир Путин на власт.
Праксата продолжила и за време на владата на Мацути, покажува истражувањето на BIRN. Меѓу новите државјани е и египетскиот бизнисмен Хатем Довидар, генерален директор на e& PPF Telecom Group, компанија која годинава ја презеде SBB. Оваа групација е создадена со спојување на чешката PPF група и Etisalat од Абу Даби.
Истражувањето посочува и на временска коинциденција: кратко по доделувањето државјанство на Довидар, Etisalat потпишал договор за соработка со Канцеларијата за е-управа на Србија во областа на информатичките технологии и иновациите, поврзан со државниот Дата-центар во Крагуевац.
Овие случаи повторно ја отвораат дебатата за критериумите, безбедносните проверки и политичката позадина на доделувањето државјанства во Србија, особено кога станува збор за поединци со силно економско и геополитичко влијание.







