НАСА потврди дека вселенскиот телескоп James Webb ја регистрирал најраната досега откриена супернова, настан што се случил кога универзумот бил стар едвај 5% од денешната возраст, или околу 730 милиони години по Големата експлозија. Откритието е направено во рамки на меѓународен систем за брзи реакции на силни космички настани, по детекцијата на исклучително светол гама-блесок (GRB 250314A).
Webb не само што ја регистрирал суперновата, туку ја открил и нејзината речиси невидлива матична галаксија, благодарение на високата резолуција во блискиот инфрацрвен опсег, објави НАСА.
„Само Webb можеше директно да покаже дека оваа светлина потекнува од супернова“
Професорот Ендру Леван од Radboud University и Универзитетот во Ворвик, водечки автор на студијата објавена во Astronomy & Astrophysics Letters, вели:
„Само Webb можеше директно да покаже дека оваа светлина е од супернова – колапс на масивна ѕвезда. Ова набљудување исто така покажува дека можеме да откриваме индивидуални ѕвезди кога универзумот бил само на 5% од својата возраст.“
Претходниот рекорд на Webb беше супернова од период кога универзумот бил стар 1,8 милијарди години – овој настан е двојно постар.
Редок космички блесок: настан што трае секунди, но се следи со месеци
Гама-блесоците (GRB) се меѓу најретките и најенергетски настани во космосот. Овој блесок траел околу 10 секунди, што е типично за умирање на масивна ѕвезда.
Но суперновата што следела се осветлувала со месеци, бидејќи нејзината светлина била истегната и забавена од космичката експанзија.
Постдокторскиот истражувач Бенџамин Шнајдер од Laboratoire d’Astrophysique de Marseille вели:
„Webb овозможи брз и чувствителен follow-up каков што ни беше неопходен.“
Откриена супернова од раниот универзум – шокантно слична на современите
Научниците очекувале дека најраните ѕвезди биле многу поразлични – помасивни, пократкотрајни и со малку тешки елементи. Но според анализата, суперновата GRB 250314A изгледа речиси идентично со современите супернови.
Професорот Ниал Тенвир од Универзитетот во Лестер коментира:
„Со отворен ум тргнавме во истражувањето – и Webb ни покажа дека оваа супернова изгледа исто како и оние околу нас денес.“
Откритието ја отвора дилемата: дали раната ѕвезденa еволуција била поуниформна отколку што се мислеше, или вебовата прецизност само сега го открива тоа?
Редакција Фронтлајн





