Скопје утрово се најде на второто место меѓу најзагадените градови во Европа, според најновите податоци на глобалната платформа за следење на квалитетот на воздухот IQAir.
Во 8:00 часот утрово, индексот на загаденост во главниот град изнесуваше 123 US AQI, што спаѓа во категоријата „нездраво за чувствителни групи“. Како главен загадувач е регистрирана PM2.5 честичка, со концентрација од 44,4 микрограми на кубен метар, повеќекратно над препораките на Светската здравствена организација.
Според европската листа на IQAir, пред Скопје се најде само Сараево, додека македонската престолнина беше рангирана пред градови како Ханој, Кувајт Сити, Детроит и Багдад. На глобалната листа на најзагадени градови во светот, Скопје утрово се најде на 19. место.
Метеоролошките услови дополнително ја влошуваат состојбата. Температурите под нулата, слаб ветер од околу 1,6 км/ч и висока влажност создаваат услови за задржување на загадениот воздух над котлината.
Здравствените препораки укажуваат дека децата, повозрасните лица, бремените и хронично болните треба да избегнуваат подолг престој на отворено, а на останатите граѓани им се советува ограничување на физичка активност на отворен простор.
Скопје со години во зимските месеци се соочува со сериозни проблеми со аерозагадувањето, а утринските мерења повторно ја отворија дебатата за ефикасноста на постојните мерки и потребата од системски и долгорочни решенија.
Извор: IQA







