Администрацијата на САД повторно ја става под лупа програмата Diversity Visa Lottery – попозната како Лотарија за зелена карта – отворајќи дебата за нејзината иднина и можните последици за илјадници апликанти ширум светот, пишува Си-Ен-Ен.
Лотаријата за различност постои повеќе од три децении и секоја година овозможува околу 50.000 луѓе од земји со ниско ниво на имиграција во САД да добијат постојан престој преку случаен избор, под услов да ги исполнат основните образовни и безбедносни критериуми. Програмата е воспоставена со цел да се поттикне имиграциска разновидност и да се намали доминацијата на неколку земји во имиграциските текови.
Според Си-Ен-Ен, програмата повторно е на удар откако актуелната американска администрација ја поврза со прашања за националната безбедност. Повод за ова се неодамнешни насилни инциденти во САД, при што беше посочено дека осомничени лица влегле во земјата преку легални имиграциски канали, вклучително и Diversity Visa Lottery. Иако експертите нагласуваат дека ваквите случаи се исклучително ретки, темата повторно стана политички чувствителна.
Американскиот државен секретар Марко Рубио нареди неопределена пауза на издавањето визи преку програмата за разновидност (Diversity Visa Lottery), со образложение дека САД мора целосно да знаат „кого пуштаат во земјата“, соопшти Стејт департментот.
Одлуката следува по идентификацијата на осомничениот за пукањето на Универзитетот Браун како носител на зелена карта добиена преку програмата за разновидност, што претставува најнов чекор во заострувањето на американската имиграциска политика по серија насилни инциденти во земјата.
Министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем дополнително ја таргетираше програмата во објава на социјалната мрежа X, наведувајќи дека по насока на претседателот Доналд Трамп ѝ наложила на Службата за државјанство и имиграција (USCIS) веднаш да ја паузира програмата DV1, со цел, како што напиша, „да не бидат загрозени уште американски животи“.
The Brown University shooter, Claudio Manuel Neves Valente entered the United States through the diversity lottery immigrant visa program (DV1) in 2017 and was granted a green card. This heinous individual should never have been allowed in our country.
In 2017, President Trump…
— Secretary Kristi Noem (@Sec_Noem) December 19, 2025
Осомничениот, Клаудио Невеш Валенте, 48-годишен португалски државјанин и поранешен студент на Универзитетот Браун, беше пронајден мртов во четвртокот вечерта. Тој е осомничен и за убиство на професор од Масачусетскиот технолошки институт (MIT). Според официјалните информации, Валенте влегол во САД во 2017 година со виза од програмата за разновидност и подоцна добил зелена карта.
Критичарите на програмата тврдат дека системот на случаен избор не е доволно строг и дека не ги зема предвид вештините или економскиот придонес на апликантите. Поддржувачите, пак, посочуваат дека сите добитници на лотаријата поминуваат низ истите безбедносни и административни проверки како и другите имигранти и дека нема докази оти програмата претставува зголемен безбедносен ризик.
Си-Ен-Ен наведува дека евентуално ограничување или укинување на програмата би имало директно влијание врз десетици илјади луѓе кои веќе аплицирале или планираат да аплицираат. За многумина, особено од земји во Африка, Азија и Источна Европа, оваа лотарија е една од ретките легални можности за трајна имиграција во САД.
Имиграциските експерти предупредуваат дека секоја нагла промена може да предизвика правна несигурност, одложувања и дополнителни рестрикции, без притоа значително да се подобри безбедноста. Тие потсетуваат дека лотаријата веќе била цел на обиди за укинување во минатото, но досега опстанала благодарение на поддршката во Конгресот.
Според Си-Ен-Ен, иднината на програмата ќе зависи од политичките преговори во наредниот период, но неизвесноста веќе создава загриженост кај апликантите кои стравуваат дека би можеле да останат без шанса за легален влез и живот во САД.
Редакција Фронтлајн







