Британскиот комичар и актер Расел Бренд се соочува со две нови обвиненија за сексуални кривични дела, вклучително и силување, соопштија Метрополитенската полиција и Крунското обвинителство на Велика Британија.
Новите обвиненија произлегоа од истрагата што беше покрената по емитувањето на документарец на Channel 4, како и по истражувањето на The Sunday Times, во кои повеќе жени јавно изнесоа обвинувања за сексуално злоставување од страна на Бренд.
Според обвинението, Бренд се товари за силување на една жена и сексуален напад врз друга, при што двата инциденти наводно се случиле во 2009 година. Наводното силување, како што соопштуваат британските власти, се случило во хотелска соба во Борнмут, каде што жртвата престојувала поради учество на конференција на Лабуристичката партија.
Расел Бренд засега не се изјаснил по однос на овие најнови обвиненија.
Постојна судска постапка
Новите обвинувања се надоврзуваат на веќе отворената судска постапка против актерот. Тој претходно беше обвинет за две силувања, еден недоличен напад и два сексуални напади, поврзани со четири жени, за дела кои наводно се случиле во периодот од 1999 до 2005 година.
Бренд ги негираше претходните обвиненија на рочиште пред Крунскиот суд во Саутворк, каде што се очекува да започне и главното судење. Ново рочиште поврзано со тие обвиненија е закажано за 20 јануари 2026 година на Прекршочниот суд во Вестминстер.
Истрагата и судските постапки против Расел Бренд продолжуваат, а британските власти засега не изнесуваат дополнителни детали.







































































































