Со брза размена на информации и координирана соработка со безбедносните служби на Бугарија, Министерството за внатрешни работи спречи нелегален транспорт на оружје од Република Турција кон Македонија.
Како што информира МВР, случајот бил спречен на 24 декември 2025 година преку комуникација преку SELEC Центарот со Бугарската генерална дирекција за борба против организираниот криминал и Царинската агенција на Бугарија.
Во текот на ноќта меѓу 24 и 25 декември, на граничниот премин „Капитан Андреево“, бил извршен претрес на товарно возило марка „Волво“ со македонски регистарски таблички. При контролата, во товарниот простор биле пронајдени и одземени три пушки, 20 пиштоли и 5.750 куршуми.
Од МВР соопштуваат дека по целосно документирање на случајот и утврдување на сите инволвирани лица, ќе биде поднесена соодветна кривична пријава.





