Главната директорка за комуникации на Меган Маркл и принцот Хари, Мередит Мејнс, го напушта нивниот тим по помалку од една година, објави Page Six. Според американскиот таблоид, таа е најмалку единаесеттата личност на висока комуникациска или ПР-позиција што го напушта кругот на војводата и војвотката од Сасекс во последните пет години.
Извор близок до Мејнс за Page Six тврди дека заминувањето не е резултат на лоши односи. „Таа е цврста и не се жали. Навистина уживаше во времето поминато таму, но во одреден момент едноставно е време да се продолжи понатаму“, изјавил изворот, додавајќи дека Мејнс, со оглед на искуството во технолошката индустрија, е навикната на динамични и интензивни работни средини.
Според истиот извор, за речиси една година Мејнс успеала да реализира значајни проекти, меѓу кои стартот на подкастот и телевизиската емисија на Меган Маркл, како и координацијата на хуманитарните активности на принцот Хари.
Заминувањето го потврди и самата Мејнс во изјава за Page Six.
„По една година инспиративна соработка со принцот Хари и Меган, војводата и војвотката од Сасекс, и со Archewell, ќе продолжам со нова професионална можност во 2026 година. Имам голема благодарност и почит кон двојката и тимот за доброто што го прават во светот“, изјави таа.
И од таборот на Сасекс ја потврдија веста, наведувајќи дека „Мередит Мејнс и Method Communications ја завршиле својата соработка со Archewell“, додавајќи дека војводата и војвотката им се благодарни за придонесот и им посакуваат успех понатаму.
Според британскиот The Sun, Мејнс нема директна замена, а нејзините обврски привремено ќе ги преземе Лиам Мегваер, директор за комуникации за Обединетото Кралство и Европа. Весникот наведува дека дел од ангажманите на парот биле предмет на изненадување, со оглед на тоа што Мејнс и нејзината агенција имаат силна позадина во технологијата и ризичниот капитал.
Ова е само последниот во низата кадровски промени околу Меган Маркл и принцот Хари. Во јуни, Page Six објави дека уште четворица вработени го напуштиле нивниот тим, меѓу кои и заменик-секретарот за односи со јавноста и британскиот портпарол.







