Според некои проценки, повеќе од 3.400 демонстранти се убиени, а над 18.000 се уапсени откако иранските власти почнаа да ги потиснуваат протестите минатиот месец, според податоци од американска организација за човекови права. Си-Би-Ес известува дека постојат стравувања дека бројот на жртви би можел да биде над 12.000.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, ги повика иранските демонстранти да продолжат со своите протести, велејќи дека „помошта е на пат“. Тој го предупреди Иран да не ги погубува демонстрантите и најави дека САД ќе преземат „силни мерки“ како одговор. Американскиот Стејт департмент изрази стравувања дека еден од демонстрантите би можел да биде погубен.
Пентагон подготвил воени опции за можна акција против Иран
Пентагон подготвил низа конкретни опции за можна американска воена акција против Иран, и покрај тоа што претседателот на САД, Доналд Трамп, во последните часови ја ублажи реториката, изјавувајќи дека му било кажано оти во Иран „се запираат убиствата“.
Според информациите на NBC News, подготовките за потенцијална воена интервенција се одвивале интензивно во текот на оваа недела, независно од најновите јавни пораки на Трамп.
Во вторникот, Трамп им ги изнел на членовите на својот тим за национална безбедност очекувањата за тоа што би требало да постигне евентуална американска воена акција против Иран. Врз основа на тие насоки, Пентагон ги приспособил конкретните воени сценарија за да одговараат на целите поставени од претседателот.
Од Белата куќа порачуваат дека „сите опции се на маса“. Двајца американски официјални лица и уште едно лице запознаено со разговорите изјавиле дека опциите се подготвени и дека треба да му бидат презентирани на Трамп во текот на денот.
На прашањето дали претседателот дал јасни насоки за целите во Иран, висок функционер на Белата куќа изјавил дека „сите опции му стојат на располагање на претседателот Трамп за одговор на ситуацијата во Иран“.
Според друг функционер, Трамп на состанокот за Иран, со кој претседавал потпретседателот Џеј Ди Венс, бил детално информиран за бројот на убиени демонстранти во земјата и побарал дополнителни информации за таа тема.
Иако во последните часови Трамп сугерираше дека состојбата во Иран можеби се смирува, извештајот на NBC News покажува дека американскиот воен и безбедносен апарат продолжува со подготовки за можноста од интервенција. Конечна одлука засега не е донесена, но опциите, според изворите, се подготвени и чекаат проценка од претседателот.
Американски воени авиони ја напуштија базата Ал Удеид во Катар, покажуваат податоци од FlightRadar
Американски воени авиони ја напуштија воздухопловната база Ал Удеид во Катар, покажуваат податоците на сервисот FlightRadar.
Според информациите што се појавија на социјалните мрежи, шест авиони на Американското воено воздухопловство полетале од базата нешто по 19 часот по локално време. Ал Удеид е најголемата американска воена база на Блискиот Исток и има клучна улога во операциите на САД во регионот.
Topping our most tracked flights list right now: six US Air Force KC-135s departing Al-Udeid Air Base in Qatar. https://t.co/ihPOMLNRtN
⚠️ All tracked via MLAT, so coverage will be variable. pic.twitter.com/4dr3uSS3rO
— Flightradar24 (@flightradar24) January 14, 2026
Станува збор за авиони од типот KC-135 Stratotanker, кои се користат за дополнување гориво на други воени авиони за време на лет. Нивното полетување може да укажува на повлекување или прераспоредување на дел од расположливите воени ресурси од базата.
Иран го затвори воздушниот простор, издадено безбедносно предупредување (NOTAM)
Иран издаде безбедносно предупредување со кое се затвора воздушниот простор на земјата за сите летови, освен за меѓународни летови кон и од Иран кои имаат посебно одобрение, објави сервисот за следење летови FlightRadar.
Станува збор за т.н. NOTAM (Notice to Air Missions) – временски ограничено безбедносно предупредување за пилоти, кое се однесува на потенцијални опасности и услови во воздушниот простор. Според објавените информации, оваа мерка ќе биде на сила нешто повеќе од два часа.
Повеќе авиокомпании веќе одлучиле да го избегнуваат иранскиот воздушен простор, прилагодувајќи ги своите рути.
Претходно во текот на денот, и германските власти издадоа сопствен NOTAM, со кој им се препорачува на германските авиопревозници да не влегуваат во воздушниот простор на Иран, поради безбедносни причини.
Ј. Ѓ.





