Портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција ја обвини власта на ВМРО-ДПМНЕ дека системски спроведува политика на дефокус, црни кампањи и јавен линч со цел да ги прикрие, како што рече, корупциските скандали и катастрофалната економска состојба во државата.
„Вчера покажавме како изгледаат фабрикуваните лаги, токсичните наслови и погрдните текстови од кујните на ВМРО, со илјада примери. Владата на Мицкоски нема ниту решенија, ниту одговори на проблемите со кои секојдневно се соочуваат граѓаните, па затоа постојано прибегнува кон дефокус и пренасочување на вниманието“, изјави Кузеска.
Таа посочи дека, додека зад грбот на граѓаните течат криминални тендери, пред нивните очи се сервираат измислени афери и координирани напади врз опозицијата.
„Зад грбот на народот течат криминални тендери, а пред очите на граѓаните кујните на ВМРО сервираат измислени афери, црни кампањи и јавен линч врз опозицијата. Ова е хронологијата на политиката на ВМРО за дефокус само во последните два месеци“, рече таа.
Кузеска потсети дека дефокусот, според СДСМ, започнал по формирањето на Антикорупцискиот тим на партијата и објавувањето докази за корупциски скандали поврзани со тендери на коалицијата ВМРО-ЗНАМ.
„161 тендер за една фирма, 9 милиони евра за фирма со двајца вработени основана пред една година, 51 тендер во општините, 1,2 милиони евра преку Пошта за фирма блиска до ЗНАМ – тоа се големи скандали на тендер коалицијата“, нагласи Кузеска.
Како дополнителен пример, таа ја спомена и информацијата за блокирање на средствата од ИПАРД 3 програмата.
„Стигна потврда дека поради корупциски скандал со ИПАРД 3 програмата, Европската унија ги блокирала средствата – скандал тежок 130 милиони евра, со уапсен директор од ВМРО за проневера на европски пари“, истакна таа.
Според Кузеска, по овие настани започнал, како што рече, масовен бран на лажни обвинувања и фабрикувани приказни.
„Веднаш почна дефокусот – лажни обвинувања дека Заев, Филипче и Николовски дозволиле незаконска продажба на пченица од државните стокови резерви. Потоа следеа приказни за зграда во Дубаи од 42 ката, Сент Мориц, Венеција – што ли не измислија“, рече портпаролката на СДСМ.
Таа обвини дека паралелно со ваквите напади, во Собранието се носат одлуки и закони кои, според неа, имаат сериозни последици.
„Ќе објават лажна вест за Дубаи, а во позадина ќе протуркаат декрет за замолчување на опозицијата. Ќе измислат нова приказна за Венеција, а во позадина се носи Закон за странци како вовед во носењето мигранти, односно ‘економски работници’“, истакна Кузеска.
Таа додаде дека последниот пример е, како што рече, координираната кампања против претседателот на СДСМ, Венко Филипче.
„Сите да се занимаваат со лажните вести на Алфа ТВ и црната кампања против претседателот Филипче, додека во исто време се увезуваат 10.000 ‘економски работници’. Секојдневно се објавуваат над 200 текстови. Кучињата лаат – караванот си врви“, изјави таа.
Кузеска нагласи дека власта не дава одговори на ниту едно суштинско прашање.
„Нема одговор зошто нема зголемување на платите, нема одговор каде се 2 милијарди евра од буџетот, нема одговор за криминалните тендери, за Алта банка, за прославите на Стоилковиќ со ‘Ноќните волци’ на Путин, ниту за ‘економските работници’. Има само дефокус“, рече таа.
На крајот, портпаролката на СДСМ порача дека, според партијата, граѓаните веќе го препознаваат овој модел.
„Сега сите во Македонија знаат: секогаш кога ќе излезе фабрикувана афера, тоа е дефокус. И секогаш кога ќе излезе текст од кујните на ВМРО, во позадина се случува уште една пљачка зад грбот на народот. Планот е едноставен – изолација, избори, па мигранти за пари“, заклучи Кузеска.





