Вчера во судницата во „Идризово“, со сослушување сведоци и законски застапници на оштетените продолжи судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во која загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевски и се наоѓа во доказна постапка со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.
Обвинет во притвор, вршел притисок врз сведоците? Родителите бараат ЈО да истражи
Пред почетокот на рочиштето, родителите во изјава за медиумите реагираа дека имаат сознанија дека еден од обвинетите, кој се наоѓа на одржувања мерка притвор во затворот во Скопје му дава на користење телефон на лицето Тодор Јованов, кој преку вибер комуникација врши притисок врз сведоците на Обвинителството.
-Ги повикуваме надлежните служби да ја проверат оваа информација и детално да го проверат телефонот и комуникациите кои се остварени преку овој телефон. Ние родителите на овие млади убиени деца нема да дозволиме овојпат вистината да остане затскриена, изјави една од мајките.
На вчерашното рочиште во судницата во Идризово, беа сослушани четворица сведоци, двајца пожарникари кои учествувале во гаснењето на пожарот кобната ноќ, како и двајца сведоци кои биле гости во дискотеката кога избувнал пожарот.
Противпожарниот тим, како што посочија, дојавата за пожар во дискотеката Пулс во Кочани ја примил во 2:35 часот, а пожарот бил изгаснат околу 4 часот.
Пожарникарите пристигнале во „Пулс“ пет минути по дојавата за пожар, имало многу заглавени лица и веднаш почнале да ги извлекуваат
Противпожарниот тим дојавата за пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани ја примил во 2.35 часот, а бил изгаснат околу 4 часот. Пожарникарот Благој Паунов, кој со уште еден колега пристигнал како прво противпожарно возило, на денешното судење за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани сведочеше дека кога пристигнале на местото на настанот пет минути по дојавата, имало многу заглавени лица и само малку чад како излегува над влезната врата и не можеле да го видат огнот по што, во согласност со процедурата, почнале да ги извлекуваат нагласувајќи дека работеле во мешани тимови од пожарникари, полицајци, обезбедување и цивили, бидејќи секој сам ништо не можел да направи, а за извлекување едно лице биле потребни најмалку двајца или тројца.
Паунов, кој бил дежурен таа вечер, изјави пред судот дека дојава за пожарот примиле во 2.35 часот по што за пет минути бил на местото на настанот како прво возило заедно со колегата Дејан Георгиев и почнале со извлекување на заглавените лица во дискотеката. Потоа пристигнало и второт возило, како и сменскиот командир и уште еден колега, а по нив и другите колеги со уште две возила.
– По пристигнувањето на местото, бевме упатени од полициски службеници и ни направија место да се паркираме непосредно до дискотеката. Кога излеговме, на самиот паркинг имаше многу луѓе, од кои и доста паднати. Паднати имаше и на скалите, а на влезната врата имаше и заглавени повеќе лица што бараа помош – изјави пожарникарот Паунов.
Кога пристигнавме на местото, вели, имаше само малку чад како излегува од влезната врата, ние не можевме да го видиме огнот. Од искуство мислам дека бил придушен и поради немање кислород, не можел да се шири огнот.
– Но нашата стандардна процедура и најголем приоритет е спасување човечки животи. Ние не гледавме пламен, моравме да ги извадиме лицата. И кога дојде и вториот тим, и тие првин извлекуваа зашто не можеа да пуштат линија. Веднаш пристапивме кон извлекување на лицата заглавени на влезната врата. Кога извадивме едно лице, моравме да побараме помош од полицијата и од двете лица од обезбедувањето, како и од цивилни лица. И така во мешовити тимови почнавме да ги извлекуваме децата. Послабите полесно, а покрупните потешко и секој реагира на свој начин. Некои беа избезумени, во шок и грч и моравме да ги носиме до паркингот. Други, пак, од паника газеа врз нас и врз други деца за да излезат. Кога го поднамаливме бројот, во тој момент веќе забележав дека пристигна брзата помош, како и повеќе цивили и дека почнаа да ги носат до болница – изјави сведокот.
По укажувањето дека и во билетарницата има заглавени лица, пожарникарот рече дека се пробил и таму и затекнал над десет лица, кои веќе лежеле и не давале никави знаци.
– Излегов и побарав помош. Откога ги извлековме сите, имаше друга врата, помала, во која имаше многу деца заглавени. Кога излеговме, веќе забележав дека се пристигнати сите мои колеги и пуштени се сите линии и почнаа со гаснење – изјави сведокот.
Потоа влегол внатре, бидејќи им кажале дека има заглавени и кај тоалетот, и од таму почнал да извлекува заглавени лица.
– Потоа веќе бев изнемоштен и не можев повеќе да извлекувам лица и побарав замена и зедов да гаснам. На крајот од интервенцијата мислам дека беа извлечени уште две или три тела, кои беа изгорени – изјави сведокот.
Пожарникарот рече дека не видел лично на часовник, но пожарот, од разговорот со колегите, бил изгаснат во 4 часот.

Командирот на ППЕ Кочани: Гореа плафонот, шанкот и бината, имаше сандаче за хидрант со црево, но без вентил
Командирот на противпожарната едница во Кочани, Драган Апостолов, рече дека ноќта на кобниот настан бил дома кога добил телефонски повик во 2.47 часот за пожар во дискотеката по што ги известил и ги повикал сите команданти на смена, а побарал и помош од противпожарните единици од Виница, Штип, Свети Николе и од Пробиштип за да помогнат во гаснењето на пожарот.
Целата опрема и вработените од ТППЕ Кочани биле ангажирани и излезени на терен – девет возила, од кои пет теренски и навални возила и три џипа со помала носивост на вода, како и едено командно возило „лада нива“.
– По пристигнувањето во 2.55 часот, веднаш се упатив во објектот. Од влезната врата само излегуваше чад. Огнот беше распламтен внатре, гореа плафонот, шанкот и бината. Имаше многу деца што бараа помош. Со опрема и кислород влегов внатре во објектот, каде што веќе имаше колеги со кои почнале да извлекуваат лица. Некои од колегите истовремено извлекуваа, а другите со вода го потиснувавме огнот. Јас со млазот вода влегов внатре и правев лепеза од вода за да се намали температурата, да не нè пеплоса огнот сите, додека другите извлекуваа лица – изјави Апостолов.
Најмногу повредени и починати лица имало во претходникот пред влезната врата, кој, како што посочи, не бил поголем од три-четри метри. Од ходникот десно била билетарницата, а лево тоалетот.
– Помеѓу повредените имаше и живи, кои ги изнесувавме надвор до црвениот тепих, по што ги преземаа други, кои веројатно ги носеле во болница. За надвор – не знам, цело време бев внатре – рече Апостолов.
Внатре во дискотеката било зачадено и многу топло нагласувајќи дека и со заштитна опрема, иако не се допрел до огнот, добил изгореници и плускавци на рацете и главата.
– Гаснењето беше многу отежнато. Пред тоалетот имаше сандаче хидрант, внатре имаше црево, но немаше вентил и не можевме да го користиме. Имаше и расфрлани употребени ПП-апарати од девет килограми – рече сведокот.
Интервенцијата завршила околу 4-4.30 часот кога пожарот бил локализиран.
– По локализирањето, побарав дозвола од јавен обвинител да извршиме пребарување за други лица. По пребарувањето, извлековме уште три изгорени тела. Други не најдовме – изјави Апостолов.
Гаснењето на пожарот, како што појасни сведокот, било од две страни, внатре преку главната врата, како и од задната врата.
– Кога јас ја видов таа врата, мој колега веќе од таму дејствуваше и го гаснеше огнот. Дали била отворена или претходно разбиена – не знам – изјави Апостолов нагласувајќи дека пред вратата немало ниту повредни ниту изгорени и дека целото случување било пред главната врата.

Сведочење на Сара Велинова: Плафонот веќе гореше, настана стампедо. Паднав и се онесвестив
Трет сведок на вчерашното рочиште беше Сара Велинова, која кобната вечер била во дискотеката Пулс со друштво. Таа во диското влегла во 1:50 часот. На влезот купила карта, без да и биде издадена фискална, по што влегла во дискотеката без да и биде побарана лична карта од обезбедувањето.
-Бев излезена надвор на цигара, кога се вратив бев до тоалет, но имаше гужва и се вратив на маса. Тогаш дојде едно лице, ни рече да излеземе надвор зошто се запалил плафонот и дека за кратко ќе се вратиме назад. Кога ни кажаа, јас погледнав и плафонот веќе беше запален до средина. Тргнавме кон излезот, но се направи гужва и веќе пред вратата настана стампедо. Јас паднав доле и повеќе не се сеќавам. Кога се освестив, веќе бев надвор на паркинг и забележав полиција и пожарна како помагаат, изјави сведокот.
Се стекнала со повреди на грбот, колкот и ногата, а следниот ден, кога станала имала модра уста и јазик и отежнато дишење, по што се упатила на лекување во Скопје. Преднајави оштетно побарување и се приклучи на кривичниот прогон.
Одбраната реагираше дека овој сведок презентира изјава со невообичаено добра меморија и во исказот се совпаѓа со претходните сведоци.
– Не може сите да се сеќаваат на спуштен плафон, над 500 гости, стампедо и други исти околности, посочија од одбраната.
Одбраната, како што посочи адвокатката на сопственикот на дискотеката Дејан Јованов, има сознанија дека секој сведок пред сослушување се повикува во Обвинителството и му се предочува записникот да го зборува истото, а единствениот сведок што зборувал отворено, јавно го линчуваа.
На прашање од одбраната, дали во Обвинителството кажала дека во дискотеката чула “силна експлозија и густ чад”, сведокот рече да.
– Само слушнав, не осетив од каде доаѓа. Почувствував црн густ чад и дури мислам дека од тоа се онесвестив после, изјави сведокот.
Сведочење од Бранислав Веселинов: Сите трчаа накај вратите и тука паднавме и заглавивме. Имав изгореници на цело тело
Последен сведочеше Бранислав Веселинов, кој на критичната вечер бил во дискотеката заедно со друштво, рече дека пристигнал околу 1 часот, купил карта и влегол во дискотеката.
– Имавме резервирано маса, трета на самиот влез право. Групата ДНК започна околу 1 и 30. Кога започна пожарот околу 2:30 јас бев свртен со грб. Слушнав како еден од ДНК кажа да излегуваме надвор, ќе се вратиме. Јас го земав палтото од масото и се упатив кон влезот. Тогаш видов дека има пожар и црн чад. Настана стампедо од сите страни почнаа да доаѓаат кај вратата сите паднавме. Тука се заглавивме, јас паднав. Врз мене паѓаа и други лица. Потоа во еден момент ми се ослободи ногата, ми подаде река едно дете што ми беше потоа цимер во болница и станав. Излегов и застанав доле. Почнав да се тресам и слабо гледав од чадот и седнав подоле. Имав изгореници на левата рака, на прстите, челото, ушите и носот. Од тука ме зема една жена со кола, во која имаше уште еден повреден и не однесе во болницата во Кочани. Таму ми ставија инекција, не однесоа во болница во Штип и утредента не однесоа во Скопје на Клиниката, изјави сведокот.
Сведокот преднајави оштетно побарување и дека се приклучува на кривичен прогон.
Хронологија на процесот: Адвокатите и обвинителите
Обвинителството пред почетокот на вчерашното рочиште се произнесе во однос на предлогот за обвинетиот Беким Хаџиу предлагајќи му на судот, доколку има доволно медицинска документација бидејќи тие немаат, тогаш да направи замена на мерката со поблага.
По ова, судот најави дека ќе се произнесе дополнително.
Адвокатот Еленко Миланов, на паузата на вчерашното рочиште, во изјава за медиумите повторно реагираше дека судењето продолжува без Обвинителството воопшто да се произнесе по она што се случуваше со правната квалификација којашто е применета за дел од полициските службеници и запирањето на постапката во однос на сите оние службеници за кои има застареност по член 353 за евентуално злоупотреба.
-Основното јавно обвинителство Кочани, треба да се обрати и да побара мислење за понатамошното постапување во врска со ваквата поставеност на нивниот обвинителен акт. Без оглед на тоа постои можност, ќе се обратиме до Републичкото јавно обвинителство, изјави Миланов.
Адвокатката на обвинетиот сопственик на објектот, Гроздан Милковски, реагираше дека тој тешко го следи судењето и треба да му биде укажана медицинска помош.
-Уште од утрината се жали и не може да го следи судењето, изјави адвокатката Лидија Ристовска.
Судот, даде кратка пауза, по што беше сослушан уште еден сведок и вчерашното рочиште беше прекинато, а последниот сведок беше префрлен за следното рочиште кое е закажано за 19 февруари, за кога се повикани и пет сведоци.
На крајот на минатото рочиште бранителката на обвинетиот службеник во Министерството за економија, Беким Хаџиу, адвокатката Софија Лаличиќ, побара на нејзиниот клиент да му биде укината мерката притвор.
Според Лаличиќ, Хаџиу е единствениот од Министерството за економија во притвор и во повеќе наврати изминатите 10 месеци била нудена гаранција. Последен пат била понудена гаранција од еден милион и 260 илјади евра во недвижности, кои, наглсеи, ги дале семејството и пријателите на Хаџиу.
Адвокатката Ивана Коцевска, бранителка на првообвинетиот, газдата на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов-Деко, реагира пред судот на тоа што се случи на минатото рочиште кога, како што рече, бил направен директен притисок врз сведокот од страна на Обвинителството, што потоа предизвикало небулозни изјави, јавен линч и страв кај сите сведоци што ќе дојдат да сведочат во иднина.
Случајот го води судијката Дијана Груевска-Илиевски и се наоѓа во доказна постапка со сослушување сведоци предложени од Обвинителството.
На почетокот на процесот, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување лична и институционална одговорност нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола, што ја претвориле дискотеката во смртоносна стапица.
Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност. Повеќемина обвинети преку своите адвокати ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејства што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.
Во воведниот збор одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, истакна дека и по девет месеци притвор, не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Син му, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниеден доказ и дека е обвинет само затоа што е член на семејството Јованови.
Сите други обвинети изјавија дека не чувствуваат вина за делото што им се става на товар.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата ДНК во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар, во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
Ј. Ѓ.













































































































