Русија се обидела „целосно да го блокира“ WhatsApp во земјата, во момент кога Кремљ дополнително ги заострува ограничувањата врз странските апликации за комуникација.
WhatsApp, кој е во сопственост на Meta, наведе дека потегот има за цел повеќе од 100 милиони корисници во Русија да бидат насочени кон „државна апликација за надзор“, пренесува Би-Би-Си.
Ова следува откако руските регулатори дополнително го ограничија пристапот до Telegram, наведувајќи безбедносни причини. Се проценува дека Telegram има приближно ист број корисници во Русија како и WhatsApp.
„Обидот да се изолираат повеќе од 100 милиони корисници од приватна и безбедна комуникација е чекор назад и може само да доведе до помала безбедност за луѓето во Русија“, соопшти WhatsApp, додавајќи дека ќе продолжи да прави сè што е можно за корисниците да останат поврзани.
Рускиот регулатор за комуникации, Роскомнадзор, повеќепати го предупредувал WhatsApp да се усогласи со локалните закони. Државната агенција ТАСС претходно објави дека апликацијата би можела трајно да биде блокирана во 2026 година.
Рускиот функционер Андреј Свинцов изјавил дека „таквите строги мерки се апсолутно оправдани“, потсетувајќи дека Русија во 2022 година ја прогласи Meta за „екстремистичка организација“. Оттогаш, апликациите на Meta како Facebook и Instagram се блокирани и достапни се само преку виртуелни приватни мрежи (VPN).
Москва во последните години интензивно ја промовира сопствената платформа за комуникација наречена Max. Апликацијата често се споредува со кинеската WeChat – таканаречена „супер-апликација“ што комбинира пораки и државни услуги, но без енкрипција.
Русија тврди дека и WhatsApp и Telegram одбиле да ги чуваат податоците на руските корисници на сервери во земјата, како што налага локалното законодавство.
Од 2025 година, властите наложија Max да биде претходно инсталирана на сите нови уреди што се продаваат во Русија. Вработените во јавниот сектор, наставниците и учениците имаат обврска да ја користат платформата.
Основачот и извршен директор на Telegram, Павел Дуров, изјави дека државата го ограничува пристапот до неговата апликација со цел граѓаните да бидат принудени да користат државна платформа за надзор и политичка цензура. Тој посочи дека Иран претходно се обидел со слична стратегија за забрана на Telegram и промоција на државна алтернатива, но граѓаните пронашле начини да ги заобиколат ограничувањата.
„Ограничувањето на слободата на граѓаните никогаш не е вистинскиот одговор“, изјави Дуров.
Истрагите и регулаторните постапки во Русија продолжуваат, а судбината на WhatsApp во земјата останува неизвесна.





